Во САД започнува вакцинацијата против корона: Кој е прв на списокот за вакцина?

од Stefanija Kuzmanovska
123 прегледи

Вакцинацијата против коронавирус во Америка започнува денес, откако директорот на Центарот за контрола и превенција, Роберт Редфилд, ја потпиша препораката на Советодавниот одбор за имунизација за употреба на вакцината од Фајзер и БиоНТек.

Бидејќи Администрацијата за храна и лекови издаде одобрение за итна употреба на вакцината во петокот, Редфилд потврди дека вакцината може да се дава на лица постари од 16 години, пренесува Си-Ен-Ен.

Американските медиуми во неделата објавија дека вакцините се доставуваат од фабриката Фајзер во Мичиген во болниците низ САД.

Први во редовите за вакцинација се здравствените работници, околу 21 милион од нив и жителите на домовите за стари лица, од кои има околу три милиони.

Федералните власти наведуваат дека првите вакцини ќе пристигнат денес во 145 дистрибутивни центри, а утре ќе бидат доставени на 425 дополнителни локации и на други 66 во среда, пренесува ABC.

Во камионите што ја напуштија фабриката во Фајзер имало 184.275 дози вакцини, а денес треба да тргнат уште 390.000 дози.

Според проценките на експертите, населението на САД може да добие колективен имунитет до јуни, доколку 70% и повеќе од населението се опфатени со вакцинација.

Според анкетата спроведена од АП, околу половина од Американците сакаат да се вакцинираат, додека околу една четвртина од испитаниците сè уште се сомневаат во тоа, пренесува CNBC.

Соединетите држави станаа третата земја, по Велика Британија и Канада, што одобри употреба на вакцината од страна на Фајзер и БиоНТек.