Првите повредени пациенти од трагичната несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани започнаа да бидат примани на рехабилитација во Клиничка болница-Штип. Според раководителот на Одделението за физикална терапија, Никола Костадинов, во моментов се подготвени 50 болнички кревети за стационарно лекување на потешко повредените пациенти, кои ќе бидат подложени на интензивна рехабилитација.
„Пациентите започнавме да ги примаме од пред два дена. Капацитетите на Клиничката болница-Штип се целосно ставени во функција, а потешките случаи ќе бидат третирани стационарно и во болницата во Кочани. Повредените пациенти имаат тешки изгореници, контрактури, фрактури, па дури и ампутации. Се очекува целосна рехабилитација на овие повреди, а се вклучени и вежби за дишење“, истакна Костадинов.
Повредените ќе бидат третирани со хидротерапија, електро процедури и кинезиотерапија, што ќе им помогне во побрзо закрепнување. Важно е што за целокупниот процес на рехабилитација се погрижи обучен медицински персонал, како лекари специјалисти и физиотерапевти.
Костадинов упати апел до јавноста да не користи неовластени препарати и креми за изгореници, туку да бараат соодветна лекарска помош, бидејќи несоодветната терапија може да доведе до сериозни здравствени проблеми. „Медицинската рехабилитација мора да се врши од страна на обучен и специјализиран медицински кадар, а несоодветната постапка е казнива“, предупреди тој.
Штипската болница располага со термални води од изворот „Кежовица“, кои се користат за вежби на пациенти со фрактури и други повреди, а се сметаат за некои од најлековитите води во Европа.