Согласно Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година) во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, Ве информираме дека истиот е надминат на мерните места во Центар и Лисиче.
Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до општините и до Град Скопје.
Согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 28.11.2017 година, за Град Скопје стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање.
Надлежните институции препорачуваат да бидат ослободени од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лица на отворено да работат од 11 до 17 часот.
Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените дом и единиците за локална самоуправа, треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Јавното сообраќајно претпријатие најави бесплатен јавен превоз како дел од мерките поради високата загаденост на воздухот во главниот град.