Во Буџетот за 2024 година веќе се предвидени дополнителни 160 милиони евра за повисоки плати и дополнителни 170 милиони евра за повисоки пензии, порачаа денеска од СДСМ. Од владеачката партија посочуваат дека со нив, се покачи просечната плата на 39.000 денари или 630 евра.
-Во времето на ДПМНЕ просечната плата изнесуваше околу 22.000 денари. Просечната плата е за 300 евра повисока денес во однос на 2016 година.
Во изминативе 6 години, СДСМ ја зголеми минималната плата 4 пати и сега изнесува 20.175 денари. За само неколку години и во споредба со ДПМНЕ, СДСМ ја зголеми минималната плата за над 100%. Од месец март следува ново покачување на минималната плата на 22.500 денари, наведоа од партијата на власт.
Во споредба со времето на ДПМНЕ, партијата на Димитар Ковачрвски истакнува дека со нив за 50% ја зголеми минимална пензија и за 50% ја зголеми просечна пензија.
-Платите и пензиите ќе продолжат да растат и оваа година. Со СДСМ има повеќе за сите, стои во партиското соопштение.
Со оглед на продолжување на неизвесноста, во буџетот се предвидени и 60 милиони евра за мерки за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството.
Буџетот за идната година обезбедува редовно и непречено извршување на сите законски обврски, непречено спроведување на изборните активности, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции и иновативност на домашните компании и друго.
Растот на економијата за 2024-та година е проектиран на ниво од 3,4% и инфлација на ниво до 3,6%.