Во Србија пријавени 82 несакани реакции на вакцините против корона

од Stefanija Kuzmanovska

Во Србија, 82 лица пријавиле несакани реакции на некоја од трите вакцини против коронавирус достапни во таа земја, објави денес Павле Зелиќ од Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија.

„Од 82 несакани ефекти, 58 од нив беа пријавени од здравствени работници, девет од самите граѓани и 15 од фармакокомпании“, рече Зелиќ.

Според него, 40 реакции се однесувале на вакцината на „Фајзер“, 40 на кинескиот „Синофарм“, една реакција била на руската вакцина „Спутник V“ и една реакција не била дефинирана на која вакцина се однесува.

„Суштината е да се процени дали има сериозни и несакани реакции на вакцината, бидејќи самите производители испитуваат дали има какви било реакции во текот на сите три фази на клиничките испитувања“, додаде тој.

А тие реакции во Србија, како и во другите делови на светот каде што се користат овие вакцини, се, како што вели Зелиќ, воглавно очекувани.

„Тоа се болки во мускулите, во зглобовите, треска, главоболка, гадење и поминале за неколку дена. Имавме и еден случај на хематом кај постар пациент, но тоа беше брзо решено, како и две алергиски реакции кои бараа терапија, но не и хоспитализација“, потенцира Зелиќ.

Тој додава дека немало сериозни несакани ефекти.

Слични содржини