СДСМ утрово преку соопштение порача дека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги подобри проекциите за македонската економија и предвидува економски раст од 2,5 проценти за 2023 година. Проекциите за наредната година се дека стапката на раст ќе се искачи на 3,2 процент.
Ова, како што додаваат, е уште една потврда за економските политики на владата предводена од СДСМ, со кои македонската економија во тешки услови на глобална економска и енергетска криза и нарушени сиџири на снабдување, остварува раст.
СДСМ, потенцираат од оваа партија, останува посветена на остварување на што е можно поголем економски раст до крајот на оваа година, и негово зголемување во наредната година.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вчера сподели дека проекциите за земјава се на иста линија на проекцијата на Владата.
Тој во својата објава истакна дека проекциите за нашиот најголем извозен пазар Германија се дека економијата во 2023 ќе оствари реален пад од -0,5%, додека останатите земји со кои остваруваме најголема надворешно трговска размена проекциите се следни: Обединетото Кралство 0,5%, Грција 2,5%, Србија 2,0%, Кина 5,0%.
Како што тврди, проекциите за наредната година за нашата земја се дека економијата ќе расне со 3,2%, додека реалниот економски раст на целокупната светска економија се очекува да биде 2,9%.