Владата даде зелено светло на барање на Министерството за образование и наука за основање ново oпштинско основно училиште „Панко Брашнаров“ во Велес.

Како што информира на денешната прес-конференција градоначалникот Аце Коцевски веќе на наредната 38-ма седница, закажана за 30 јули, Советот на Општина Велес треба да донесе одлука за основање на новото училиште „Панко Брашнаров“, со спојување на двете сега постоечки ООУ „Благој Кирков“ и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ .
– Според законската процедура по преземањето на вработените во новиот правен субјект, ќе се спроведе постапка за згаснување на постоечките правни субјекти, општинските основни училишта „Благој Кирков“ и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, појасни Коцевски.
Тој воедно информира дека според нивните податоци во училиштата во Велес има 27 вработени кои ги исполнуваат условите за пензионирање и потпишале изјави дека сакаат да продолжат со работа. Од нив 22-ца се наставници, а петмина се вработени како ненаставен кадар.
Тој истакна дека ова е можност за градење иднина за 27 млади семејства кои се уште се борат да најдат работа. Воедно искажа благодарност и почит кон нив за нивната благодарна работа, и ги замоли да заминат во пензија и местото да им го преотстапат на млади невработени стручни кадри.
– Затоа ќе ги замолам во духот на својата благородна професија и големиот продонес што го дадоа за едукацијата и развојот на генерациите на Велес, да им дадат шанса на младите и на тој начин да придонесат за иднината на Велес, замоли градоначалникот Коцевски.
Тој упати апел до родителите кои од есен имаат првооделенци, да ја почитуваат реонизацијата и своите деца да ги запишуваат во училиштата во реоните во кои живеат. Нагласи дека ова особено се однесува на родителите на децата кои треба да учат во општинските училишта „Благој Кирков“ и Џинот“ што наскоро ќе се трансформираат во новото училиште „Панко Брашнар“.
– Ве уверувам дека и од оваа страна на Вардар ќе обезбедиме квалитетно образование, со квалитетен наставен кадар. Затоа нема потреба децата да се запишуваат во училиштата „Кирил и Методиј“ и „Блаже Конески“. Верувајте дека новото училиште „Панко Брашнаров“ ќе биде пример за добро и квалитетно образование, потенцира Коцевски
Апелира до сограѓаните од ромската националност чии деца се уште не посетуваат настава да ги запишат своите деца во училиште.
– Доколку е потребно Општина Велес ќе обезбеди, облека, храна и школски прибор за да можат децата непречено да се вклучат во наставата, а со цел да се гради иднина без различности, потенцира Коцевски.