Во Велес се средува Градскиот стадион

од Vlatko K
208 прегледи

Општина Велес интензивно изведува неопходни градежни активности за подобрување на условите за спортување на Градскиот стадион, пред стартот на новата Фудбалска сезона во која ФК „Борец“ по 18 години се враќа во Првата македонска фудбалска лига. Градежните зафати вклучуваат бетонирање на три платоа, отстранување на ризла зад стативите и поставување на земја за хортикултурно уредување околу теренот.

Како што појасни градоначалникот Аце Коцевски, општината обезбедила 15 милиони денари, со кои очекуваат да се завршат некои од работите што ги бара инспекцијата на ФФМ.

– Тоа не може да се направи без соодвета техничка проектна документација, а сега се одвива постапката за изработка на потребните проекти, бидејќи паралелно ќе се работат многу зафати кои се ставени во забелешките на ФФМ, појасни Коцевски

Тој информира дека заградувањето на стадионот ќе го изврши компанијата „БРАКО“, за да се спречи влегување на стадионот на непожелни лица од несоодветни места.

Коцевски очекува првите фудбалски натпревари да се одиграат тука, штом заврши тендерската постапка да ги внесат во работа избраните компании, со цел да ги завршат сите градежни и други зафати за оспособување на стадионот за одигрување на натпреварите од првата фудбалска лига.

Во Градскиот парк се изведе бушотина што ќе се користи за наводнување на зелените површини на стадионот.

Како што појасни градоначалникот Коцевски, пред натпреварите интензивно ќе се полева вештачката трева, со цел да се спушти температурата на тревата за да може да се одиграат фудбалските натпревари.

На стадионот моментално има само еден рефлектор и затоа Коцевски појасни дека како дел од проектот, во наредниот период ќе биде и рефлекторско осветлување на стадионот, за што им се потребни дополнителни финансиски средства.

– Тоа е посериозна инвестиција, бидејќи не само што треба да се постават рефлектори, тука треба да се постави и агрегат со голема моќ. Во случај на прекинато напојување на струја од ЕВН, агрегатот автоматски да се активира. Но, за тоа ни се потребни дополнителни поголеми финансиски средства,  појасни Коцевски

Од Општина Велес појаснуваат дека во наредниот период ќе се пробие пристапен пат до трибините на градскиот стадион. Информираат дека сите интервенции се прават во координација со спортистите корисници на стадионот врз основа на нивните потреби.

Воедно, најавуваат дека ќе се продолжи со градежни зафати согласно програмите и утврдените потреби на граѓаните.