Претседателот на Институтот за инфективни болести Роберт Кох, Лотар Вилер, изјави денеска дека е загрижен за развојот на епидемиолошката состојба во Германија и бројот на новозаразените со коронавирус.

Вилер на прес-конференција изјави дека Германија и светот се наоѓаат во брзо ширење на пандемијата.
Според него, граѓаните станале невнимателни, тие повеќе не се придржуваат до правилата за хигиена и оддалеченост, а тоа во моментов води кон многу мали жаришта, низ цела Германија.
Вилер апелираше до граѓаните да продолжат сериозно да ги сфаќаат правилата за корона, бидејќи тие се единствениот начин да ја стават епидемијата под контрола.
„Тоа е во наши раце“, рече тој.
Тој рече дека не е познато дали ова е почеток на вториот бран, додавајќи дека би можело да биде.
„Развојот е навистина загрижувачки“, повтори Вилер.
Што се однесува до планираното отворање на училиштата по летниот одмор, тој рече дека тие ќе бидат отворени и дека мора да се отворат, но според одредени правила.
Неговата колешка Уте Рексрот објасни дека луѓето се заразуваат на семејни прослави, на работа, на состаноци со пријателите, но и за време на престојот во странство.
Сепак, таа потенцира дека повеќето од нив се заразени во Германија.