Неколку делови од Скопје во сабота (31 мај) ќе останат без вода или со намален притисок поради голема и комплексна интервенција на магистралната водоводна мрежа. Од ЈП Водовод и Канализација – Скопје информираат дека без вода ќе бидат делови од населбите Железара, Ченто, Хиподром, Инџиково, Маџари, Автокоманда, како и околните индустриски и комерцијални зони.
Интервенциите се очекува да траат најмногу 15 часа. Станува збор за важна техничка интервенција која има за цел подобрување на притисокот, сигурноста и ефикасноста на водоснабдувањето во поширокото подрачје на градот. Центарот на активностите е поврзувањето на два магистрални цевководи – едниот со пречник од 1600 мм кај Железара и другиот од 700 мм на булеварот „Александар Македонски“, преку новоизграден цевковод кој ќе се постави по должина на булеварот „Хрватска“.
Во рамките на интервенцијата ќе се монтира и игличест регулационен вентил во нова мерно-регулациона шахта, што ќе овозможи формирање на циркуларен прстен – систем кој ќе придонесе за стабилно водоснабдување и подобро управување со мрежата. Најголем дел од времето ќе биде потребен за празнење и повторно полнење на системот со вода – процес што бара внимателна координација и техничка прецизност. За таа цел, ЈП Водовод и Канализација има подготвено осум технички екипи, комплетно опремени со механизација, пумпи и специјализирани алати.
Претходно се направени проверки на вентили, испусти и хидранти, и е утврдено дека сите елементи се во исправна состојба, што ќе овозможи непречено извршување на задачата. Од претпријатието апелираат граѓаните да покажат разбирање за краткотрајните прекини, бидејќи овие зафати се клучни за подобрување на квалитетот и стабилноста на водоснабдувањето за сите жители на Скопје.