Воено балансирање на Србија: И Русија и НАТО

од Vladimir Zorba
137 прегледи

  

 

Во воената база „Југ” кај Бујановац во јужна Србија, се одржа меѓународна воена вежба „Платинест волк”, во која војската на Србија учествува со војски на осум држави, меѓу кои и неколку членки на НАТО. Истовремено, во Белорусија во тек беше уште една антитерористичка воена вежба под името „Словенско братство”, во која Србија учествува покрај Русија и земјата домаќин.

Додека Белград истрајува на политиката на воена неутралност и балансирање меѓу соработката со Москва и НАТО преку програмата Партнерство за мир, на јавноста помалку познати остануваат податоците за тоа дека во Србија, кога е во прашање опремањето на војската, од државите членки на Алијансата се слеаја повеќекратно повеќе пари отколку од Русија, која емотивно на многумина им е поблиска.

На крајниот југ на Србија војници од осум земји плус државата домаќин, одржаа воена вежба. Припадниците на армиите на БиХ, Бугарија, Македонија, Унгарија, САД, Словенија, Обединетото Кралство, Црна Гора и Србија, собрани под името „Платинест волк” вежбаа „употреба на несмртоносно оружје и процедури, активности и постапки при ангажирање во мултинационалните операции и во соседството”.

Денес, речиси сите земји во соседството на Србија се членки или се на пат да бидат дел од НАТО. Последната од нив Црна Гора, формално пристапи на НАТО на 5 јуни.

– Нема да биде изненадување ако Србија, на тоа некое декларативно ниво, остане воено неутрална и во наредните десет години, вели за Радио Слободна Европа, Катарина Ѓокиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика.

Меѓутоа, тоа што се случува во пракса е дека иако е воено неутрална, Србија не може да ја игнорира реалноста во која НАТО државите речиси целосно ја опкружуваат.

И вршителот на должноста премиер, шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, на неодамна одржаниот форум во организацијата ИСАЦ фондотрече дека во претходните пет години одржани се 44 вежби со САД, а само шест со Руската Федерација.

– Мислам дека бројките јасно зборуваат за тоа која е основната насока на Србија, рече тогаш Дачиќ, сепак додавајќи дека „потенцирањето на соработката со другите партнери како негативно е исклучив и погрешен пристап”.

– Во овој момент е едноставно неопходно да се констатира дека Србија повеќе соработува со НАТО отколку со Русија, но тоа не е нешто што некоја политичка елита во последно време била подготвена да го признае, а за нив би било дури и незамисливо тоа и да го промовираат, забележува Катарина Ѓокиќ.

За обемот на соработката на Србија со државите на НАТО, најсликовито зборуваат податоците кои Министертсвото за одбрана ги достави на РСЕ, а кои покажуваат дека, во рамки на таа соработка под закрила на програмата Партнерство за мир, Србија учествувала во вкупно 23 воени вежби, главно како набљудувач.

– Сите вежби се реализирани на територијата на државите членки на НАТО и партнерите, а прва таква на територијата на Србија (РЕГЕКС 18) е планирана за октомври 2018 година, наведоа во Министерството за одбрана, во кое пак истакнуваат дека „Вооружените сили на Србија, согласно на политиката на воена неутралност, како и на одлуките на највисоките државни институции, до сега не беа ангажирани во изведување на НАТО операции”.

Поради сето наведено, Катарина Ѓокиќ смета дека, со продолжување на политиката на воена неутралност „едноставно да продолжи и овој тренд на се поинтензивна соработка со НАТО, кој не е условен само со близината на НАТО, туку и со фактот дека Србија има зацртана цел да влезе во ЕУ и дека соработката со ЕУ значи и поголема соработка со членките на ЕУ”.

Од 2014 година до денес, од земјите на НАТО, според официјалните податоци, Србија во донации добила околу 12 милиони евра. Најголем поединечен донатор се САД со приближно 9,8 милиони, додека последната забележана донација на Русија датира до 2014 година и изнесува 52.000 евра.

Истата 2014 година, од државите членки на НАТО, Србија добила речиси пет милиони евра. Од тие 3,9 милиони само од САД.

Во 2015 година Србија од државите на НАТО добила 5,6 милиони евра, во 2016 година 857.000 евра, а во 2017 година 460.000 евра, произлегува од податоците на Министерството за одбрана на Србија.

Сите овие податоци, иако јавно достапни, се новост за многу граѓани на Србија. Причината, објаснува Катарија Ѓокиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика, треба да се бара во политичките елити кои не сакат да ги загрозат своите рејтинзи на непопуларни теми, со оглед на тоа дека мнозинството граѓани на Србија, НАТО се уште го гледаат само преку бомбардирањето во 1999 година.

– Во таа смисла и натаму се смета како политички чуствително да се зборува за соработка со НАТО и за некои аспекти кои можеби се и позитивни за Србија и за системот на одбраната на Република Србија. Од друга страна, интересно е дека ни медиумите премногу не се бавеа со оваа тема, иако сите информации и за заедничките воени вежби и за соработката, билатералните договори, донациите, се достапни на сајтот на Мин. за одбрана. Така што, не е можно да се каже дека Министерството нешто крие, туку дека тие информации од некоја причина не завршуваат кај пошироката јавност, вели таа.

Да додадеме уште дека Србија од Русија за 25 милиони евра купи два хеликоптери Ми-17, кои на аеродромот во Батајница, со медиумите ги дочека тогашниот премиер Александар Вучиќ.

Половните шест МиГ-29, за кои во јавноста многу се зборуваше, се уште не стигнале во Србија. Кога би требало да дојдат не се знае точно, но според последните информации кои ги пренесоа домашните медиуми, можат да бидат испорачани до половината на јули.

Тоа, како што додаваат, го гарантира лично претседателот на Русија, Владимир Путин.