Каква стратегија следи Доналд Трамп всушност на Блискиот и Средниот Исток? Со својата агресивност американскиот претседател ги саботира сопствените мировни планови, смета Петер Филип.
По соборувањето на американски дрон ноќта кон четвртокот, американскиот претседател Доналд Трамп уште злокобно твиташе дека Иран направил „тешка грешка“. Повеќе не требаше да каже: политичкиот барометар во Средниот Исток почна да осцилира исто како и берзанската цена на нафтата. Но, се чини никој не беше подготвен да зборува за зголемена опасност од војна меѓу САД и Иран, дотолку повеќе што двете страни спорат дали беспилотното извидничко летало се наоѓало во иранскиот воздушен простор или не.
Но, Трамп мислел сериозно, иако неговото однесување потоа донесува повеќе загатки отколку сознанија: само неколку часови по соборувањето на дронот, американскиот претседател наредил подготовки за напад-американски авиони требало да бомбардираат ирански радарски постројки и ракетни рампи, во петокот, наводно, за да се избегне поголем број цивилни жртви на муслиманскиот празник.
Закани и барање преговори
Истовремено тој побара од Оман да преземе посредничка улога. Оман на Иран му доставил американско предупредување за претстоен напад, како и уверувањето на Трамп дека не е заинтересиран за воен конфликт, туку за преговори со иранското раководство.
Иранско прифаќање би го спречило планираниот напад, имплицирала пораката од Вашингтон, но во Техеран ги зачувале нервите и играле на време: врховниот водач, Али Камнеи, веќе одбил преговори со САД, но пораката ќе му биде пренесена.
Повеќе:
Трамп одобрил, па запрел напад врз Иран
Трамп самиот се изманеврирал себе си во теснец: американската воена авијација во Персискиот Залив веќе била во воздух, а американската морнарица во Индискиот Океан во состојба на готовност. Освен тоа, заканата со американски напад е во јасна противречност со уверувањето на Трамп дека сака „само да преговара“. Претседателот самиот веројатно немало да најде излез од ваквата ситуација, изгледа согледал дека неговите вообичаени „советници“ како Џон Болтон и Мајк Помпео не можат вистински да му помогнат, туку генералите кои го убедувале во сегашната криза да не се раководи од сопствениот, туку од вообичаениот начин на дејствување во вакви ситуации. Имено, воен судир не се започнува еднострано со декрет, туку е потребно што е можно поширок политички консензус. Одлучна или мнозинска согласност Трамп не чувствува дури ни во сопствените редови, па тоа веројатно му донесло уште поголеми грижи, дотолку повеќе што оваа недела официјално најави повторна кандидатура за претседател.
Воен судир со Иран би бил спротивност на она што го вети Трамп при неговиот прв избор- повлекување на американските трупи од Блискиот и Средниот Исток. А сега тој самиот би се вплеткал во војна со несогледливи последици за сите.
Каде остана „планот на векот?“
Дури и ако не дојде дотаму, рака на срце остана малку од она што Трамп великодушно го најави за регионот, на пример „план на векот“ во форма на мир меѓу Израел и Палестинците.
Досега нема ништо од него и можеби нема ни да има, но доволно е познато: досегашното безусловно поддржување од страна на Трамп кон Израел, пред се повлекување од решението за две држави, ги држи Палестинците на дистанца од секоја американска иницијатива. Тие воопшто нема да патуваат на планираната конференција во Бахреин во вторник. Но, ни Израел нема да биде таму официјално застапен, а од другите држави во регионот, ако воопшто, ќе учествуваат претставници од понизок ранг. Не станува збор за мировна конференција, но нормализација изгледа поинаку. А уште повеќе некој феноменален вековен план.