Претседателот на САД Џозеф Бајден реши да го нападне Јемен заради свои политички интереси и за да го сврти вниманието на гласачите од неуспехот во Украина и американските внатрешни проблеми, изјави претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин.
„Нападот беше извршен во име на политичките интереси на актуелниот американски претседател, кому му е потребна мала, победничка војна. Дури и поддржувачите на Бајден тврдат дека тој го прекршил уставот. Ако САД се правна држава, Бајден треба да биде кривично гонет пред да започне светска војна, држејќи се за власт со сета своја сила“, напиша Володин на Телеграм.
Тој посочи дека, во пресрет на претседателските избори во САД, рејтингот на Бајден е исклучително низок – само 38,9 отсто од Американците ги одобруваат неговите активности.
„Доколку се гласаше денеска, Бајден би изгубил. „Вашингтон нападна суверена држава, прекршувајќи ги нормите на меѓународното право и не грижејќи се за Повелбата на ОН“, заклучи Володин.
По неколку недели зголемени тензии и меѓусебни закани, кризата во Црвеното Море конечно ескалира ноќта меѓу четвртокот и петокот, кога „западната коалиција“ предводена од САД и Велика Британија изврши воздушни напади врз позициите на милитантната група Хути во Јемен.
Според Пентагон, во нападите биле вклучени американски авиони, бродови и подморници, кои, со поддршка од нивните британски сојузници, биле насочени кон аеродроми, воени магацини и локации за лансирање на ракети и дронови низ Јемен.