„Волстрит џурнал“: Асанж би можел да ја избегне екстрадицијата

Асанж во САД е обвинет за шпионажа по 17 точки, а ако биде осуден може да добие и до 175 години затвор, според тврдењата на неговите адвокати

од Бети Божиноска
212 прегледи

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, можеби нема да биде екстрадиран во САД, пишува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори во американското Министерство за правда кои велат дека Вашингтон ја разгледува можноста Асанж да се изјасни за виновен за помало кривично дело.

Американското Министерство за домашна безбедност, наводно, размислува да му дозволи на Асанж да се изјасни за виновен за погрешно постапување со доверливи информации, што може да резултира со негово ослободување од британскиот затвор и да избегне екстрадиција, пишува американскиот весник.

САД бараат екстрадиција на Асанж за објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а Врховниот суд на Обединетото Кралство одлучи дека Асанж треба да биде екстрадиран, отфрлајќи ги тврдењата дека може да изврши самоубиство во американски затвор поради лошото ментално здравје.

Во 2010 година, порталот на Асанж „Викиликс“ објави видео од американската армија како убива десетици луѓе, меѓу кои и двајца новинари на „Ројтерс“, во напад на хеликоптери „апачи“ во Багдад во 2007 година.

Потоа, „Викиликс“ објави илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД го критикуваат светски лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.

Асанж во САД е обвинет за шпионажа по 17 точки, а ако биде осуден може да добие и до 175 години затвор, според тврдењата на неговите адвокати,  додека американските обвинители тврдат дека казната нема да биде подолга од 63 месеци.

Слични содржини