Еден пред почетокот на 88-тиот по ред меѓународен саем на автомобили во Женева се одржа финалето за изборот на европски “Автомобил на 2018 година” (Car of the Year 2018).

Титулата ја освои компактниот SUV Volvo XC40, на второ место е Seat Ibiza, а на трето – BMW 5 Series.
Во потесниот избор влегoa вкупно седум модели: Alfa Romeo Stelvio, Audi A8, BMW 5 Series, Citroen C3 Aircross, Kia Stinger, Seat Ibiza и Volvo XC40.
XC40 победи убедливо со 325 бодови, додека второпласираната Ibiza доби вкупно 242 бодови. Зад нив, на третото место остана BMW 5 со 226 бодови.
На четврто место е Kia Stinger (204), на петто Citroen C3 Aircross (171), шести е Audi A8 (169) и последен од финалистите е Alfa Romeo Stelvio (163 бодови).
За признанието “Автомобил на 2018” конкурираа сите модели што се појавија на европскиот пазар од почетокот на 2017 година. Најдобриот автомобил беше избран од страна на меѓународно жири составено од 60 автомобилски новинари од 23 европски земји.
Традиционалниот избор за автомобил на годината во Европа се одржува од 1964 година, а во 2017 година победник беше Peugeot 3008.
XC40 ја имаше својата премиера наесен 2017 година, а поставен е на нова, модуларна механичка платформа наречена CMA, која Volvo ја развил заедно со матичната компанија – кинеската Geely.
Моторизацијата за европскиот пазар опфаќа пет погонски единици. Основната верзија содржи T3 бензинец со 156 коњски сили, нешто помоќниот T4 располага со 190 коњски сили, додека на врвот на бензинската понуда се наоѓа T5 со 247 коњски сили.
Дизел моторите доаѓаат во две верзии – D3 и D4 со 150 односно 190 коњски сили.
Volvo XC40 се произведува во Белгија, а ривали на европскиот пазар му се, помеѓу останатите, BMW X1, Audi Q3 и Mercedes GLA.