Бројот на заразени од коронавирусот секојдневно расте. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 7.647 тестирања, регистрирани се 378 нови случаи, 25 оздравени пациенти и едно починато лице.
Со ова вкупниот број активни случаи достигна 1.618 од кои најголем број има во Тетово и тоа 486 и во Скопје 474, а потоа следат Гостивар со 176, Куманово со 128, Кичево 50 и Битола и Струмица со 46.
Во вакви услови Владата на синоќешната седница врз основа на препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука за зајакнати контроли на постоечките анти-КОВИД мерки, како и целосна забрана на секаков тип настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август и задолжителна потврда за вакцина, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август.
Со владината Одлуката до 15 август сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на КОВИД мерките, со исполнетост до 40 отсто од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила.
За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50 отсто од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи, се наведува во соопштението.
Покрај ова, од 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти и кафетерии, вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.
Од 16 август 2021 година се воведува обврска за приложување доказ за извршена имунизација со најмалку прва доза за влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).
Приложувањето и поседувањето на потврда за извршена имунизација се однесува на лица над 18 годишна возраст, се додава во соопштението.
Со владината одлука се задолжуваат надлежните инспекциски служби во претстојниот период да ги интензивираат контролите со цел стриктна примена и почитување на превентивните препораки, времените мерки и наредените мерки по однос на COVID-19.
Ваквата одлука беше донесена на предлог на Комисијата за заразни болести, според која во следниот период клучно е да се почитува забраната за одржување на сите масовни настани на затворено, а граѓаните мора да разберат дека оваа мерка е нужна, како и мерките за лична заштита и тоа пред се носење маски на затворено и засилување на теренската вакцинација и комуникацијата на локално ниво со цел зголемување на опфатот, бидејќи е јасно дека само со вакцинација може да се спречат и ширењето и ризиците од тешко заболување кај пациентите.