Палестинец избоде и рани двајца Израелци, од кои едниот е војник, во близина на населбата Шеик Џарах, „жаришната точка“ на источен Ерусалим, која е во центарот на палестинските протести.
Полицијата изјавила дека пукала во напаѓачот, пренесува „Ројтерс“ и додава дека состојбата на осомничениот сè уште не е позната.
Видеото објавено на социјалните мрежи го покажува напаѓачот како лежи неподвижен на раскрсницата покриен со чаршав.
Израелска брза помош соопшти дека двајца мажи, на околу 20 години, биле повредени во нападот, од кои едниот потешко.
Инцидентот се случил во близина на населбата Шеик Џарах, каде претходно започнаа масовни протести поради најавеното иселување на палестинските семејства, а тој инцидент служеше и како причина за започнување на 11-дневни борби меѓу Израел и Хамас во Газа.
Израелската армија соопшти дека еден од ранетите е израелски војник.
„Војникот доби медицинска помош на самото место и беше пренесен во болница за понатамошно лекување“, се вели во соопштението на армијата.
Еден од двајцата избодени мажи носел униформа на израелските воени сили, судејќи според видеото прикажано на социјалните мрежи, а може да се забележи и нож кој му е забоден во грбот додека клечи на земја.