Одложено гласањето за извештајот за Македонија во Европскиот Парламент. Жестока дебата во Комитетот за надворешни работи по барањето на известувачот Томас Вајц, гласањето да биде за дваесетина дена поради притисоци од бугарските европратеници. Тој вели дека стои зад напишаното и дека ова не е обид за да се најде некое решение за билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија туку ова е реалната слика која што сака да ја претстави ЕУ и ЕП. Вајц во образложението на предлогот нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот.
Двајца парламентарци надвор од бугарскиот состав застанаа силно зад Вајс и неговата работа, а Санчез Амор од групата на социјалдемократите порача дека извештајот е одличен и дека жали за гадната, полна со обвинувања и со инсинуации кампања која не е нормална за ЕП и дека била креирана само за да се добие одлагање на извештајот. Тој побара да не се создава преседан така што ќе се овозможи надворешни фактори да создаваат ситуации во ЕП, мислејки на Бугарија.
Еден ден пред закажаното гласање во Комитетот за извештајот, сите седумнаесет бугарски претставници испратија писмо до раководството на FAEC барајќи одложување на гласањето поради загриженост за процесите околу подготовката на извештајот, вклучително и протекувањето на, како што велат, внатрешни парламентарни информации во врска со клучните елементи на нацрт-извештајот и компромисните амандмани до надворешни актери во трета земја, особено до властите во Македонија. Причината за овие загрижености во врска со интегритетот на Европскиот парламент, велат дека биле коментарите на премиерот Христијан Мицкоски, за кого велат дека „јавно се осврнал на специфични елементи од извештајот дури и пред тие да бидат доставени до пратениците во Европскиот парламент“. -На денешниот состанок на комитетот, самиот известувач побара одложување на гласањето за 24 јуни, што не беше оспорено од ниту една политичка група, објавија од бугарската партија Има таков народ.
Како бугарската јавност гледа на ваквиот развој на настаните и како ќе влијае на добрососедските односи? Според бугарскиот аналитичар, Андреј Врабчев, на одредени луѓе во Македонија и Бугарија им одговара ваквата ситуација.
-Мислам дека некои кругови во двете земји не сакаат ништо да се случи и тоа им служи на нивните заеднички интереси. Сметаат дај Боже да не се случи нешто позитивно, вели Врабчев во изјава за „Локално“.
Тој оценува дека овие кругови имаат одлични односи едни со други и се наметнаа во надворешната политика на двете земји.
-Пред народот, сè е спакувано како патриотска одбрана зад гласни фрази за големата желба од наша страна и големата неподготвеност од другата страна, посочува Врабчев, додавајќи дека ниту Бугарија ниту Македонија немаат корист од ова.

Европски Парламент
Еврокомесарката Марта Кос вчера се понуди да биде олеснувач во разговорите меѓу Скопје и Софија за брзо изнаоѓање решение. Од друга страна, македонскиот државен излезе со став дека ги завршивме работите и се очекува реален извештај и поддршка за Резолуцијата за посебноста на македонскиот јазик и идентитет. Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова изрази очекување за поддршка на предлозите кои „ги гарантираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, бидејќи во спротивно тоа „ќе зборува многу лошо за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“. „Искрено, не очекував во 21 век во Европскиот парламент да прочитам или да чујам некои амандмани, замислете во 21 век да оспорувате нечиј идентитет. Тоа е непознат феномен, особено што седите во институција која е дел од ЕУ во чии основни, конститутивни документи како Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права, се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет. Тоа е нешто шокантно“, нагласи Сиљановска- Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, оцени дека е значајно што во Извештајот првпат се споменува посебен македонски идентитет, со што, според него, Европа има шанса да ја исправи историска неправда и да наведе дека ние имаме македонски идентитет и посебен македонски јазик. Тој истакна дека предлозите на некои бугарски европратеници во Извештајот пред македонскиот идентитет да стои зборчето „сегашен“, претставува обид да се наметне тезата дека македонска нација е вештачки создадена на корените на бугарската нација.
Гласањето треба да се случи по 24 јуни, а на тој ден да се разгледа Извештајот.
Н.П.