Врабевски за „Локално“: Постоењето на бугарските клубови е неопходно, работат на елиминирање на говорот на омраза

од Nikola Popovski
290 прегледи

Отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ се уште ја бранува македонската јавност. Речиси сите политички партии и политичари го осудија отворањето на објектот под ваков назив, а беше организиран и протест во Охрид, со поддршка на опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Покрај тоа, поднесена е и иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на програмата за работа и статутот на здружението од Охрид.

Претседател на бугарскиот клуб и здружение е Томе Блажевски, а како главен финансиер се спомнуваше името на бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски. Тој е основачки претседател на фондацијата „Бугарска меморија“, основана во 2007 година, преку која денеска финансиски помага бугарски клубови во Македонија, но и во Албанија.

Врабевски во разговор за „Локално“ потврди дека финансиски стои позади бугарските здруженија во земјава.

-Моите иницијативи се строго синхронизирани и понекогаш се прават по барање на бугарската држава. Дозволете ми да направам едно појаснување: им помагам на многу луѓе во PCM. Имам дури и своја програма за социјална помош за непривилегирани деца во вашата земја. Вложувам и во здруженијата за пријателство Бугарија-Македонија. Се разбира, тоа не е главниот приоритет на мојата фондација. Ја создадов за официјално да помогнам во 5 главни насоки: образовни иницијативи, борба против демографската криза во Бугарија, европска интеграција на бугарската историска дијаспора, поддршка за развој и реализација на младите луѓе и обновување на културно-историското наследство со цел патриотско воспитување на младата генерација. Секако, како составен дел од активностите, ние и заштитата на нашите национални интереси и приоритети, појаснува Врабевски која е целта на овие здруженија.

Тој не го разбира фактот зошто неговото име се споменува во негативна конотација во македонската јавност, особено од опозицијата, но потенцира дека тоа не го чуди и не го засега во моментов.

-Луѓето како мене се познаваат по делата. Постојано докажувам дека јас и мојот тим работиме за прекугранична соработка меѓу двете земји, (за што сум лауреат на Граѓанската награда на Европскиот парламент: Европски граѓанин на годината 2013 година. Ова е највисоката награда на Европскиот парламент а како што се гледа од годината, не од вчера се докажав на ова поле). Целта е добрососедство, пријателство и градење економски мостови. Прашајте ги незадоволните зошто не протестираа кога поправав крило во струмичката болница, кога ви помогнав во ковид-кризата со заштитна опрема и вакцини (а вие немавте ниту една одобрена од ЕМА), кога помагав компјутери во вашите училишта или со помош на болни или социјално загрозени деца… Според нивната логика, веројатно е погрешно да се одбележи 1008 година од смртта на цар Самуил, како што ја го организирав на 6-ти октомври годинава во Софија, под покровителство на мојата фондација „Бугарска меморија“, посочува Врабевски.

Бугарскиот бизнисмен се надева дека по долгите разговори на двете историските комисии, „вистината ќе излезе на виделина и конечно ќе сфатиме чиј цар е Самуил“.

-Вака се надевам дека ќе излезе вистината на виделина и за цар Борис III – „Големиот Европеец“, (се појавува на насловната страница на магазинот Тајм во 1941 година и е опишан како бугарски монарх). И додека плачеа за името „Ванчо Михаилов“, „опозиционерите“ не успеаја да го прегледаат видеото на нивниот патрон господинот Груевски на оваа тема. Зошто не протестираа кога ја пресече лентата за музејот во Ново Село на крајот на 2014 година? (Во овој музеј има и восочна фигура на Ванчо Михајлов, прашува Врабевски.

Тој потсетува дека во 2018 година учествувал во донесувањето на Светиот благодатен оган во земјава со приватен авион во име на добрите односи меѓу двете земји.

-Ваквите работи градат братство во реална ситуација. И вистината. Да не бегаме од тоа. Се друго се шпекулации засновани на југословенското тоталитарно минато. Не ги правам овие донации само за вас. Имам слични активности во Украина, Молдавија, Србија, Албанија итн. На пример, во Албанија, во соработка со државата, ги распределивме инвестициските улоги: ги презедов училиштата и социјалната помош во Преспа и Корча, а државата го изгради патот Билишта-Врабник. Дониравме амбулантно возило, противпожарно возило и возило за социјално покровителство на општина Преспа, Албанија – набавки кои до тој момент недостасуваа на оваа територија. Дониравме компјутери и ја опремивме библиотеката на училиштето во село Пустец, Албанија. Финансиравме изградба на водоводна цевка во селото Туминец, Албанија, благодарение на што две од деветте села во областа сега имаат 24-часовно водоснабдување, набројува Врабевски што презел со својата фондација.

Според него, постоењето на бугарски клубови е нормално и неопходно, не само во Република Македонија, туку во секоја земја каде што има Бугари.

-Создавањето на бугарските културни центри во Македонија започна по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Тамошните луѓе почнаа да веруваат дека е дојдено време да се елиминира деценискиот страв од наметнување на својата бугарска самосвест, се собраа и ги создадоа овие здруженија да се вратат на своите историски корени и да ја бранат бугарската идеја во Македонија. Овие клубови работат на културна и економска размена, елиминирање на говорот на омраза (ова вклучува откривање на вистината за историското минато и кршење на тоталитарните наредби на вознемирување поради етничко потекло), олеснувајќи ја европската интеграција на Република Северна Македонија, вели Врабевски.

За објавата на ВМРО-ДПМНЕ дека бил чест гостин во Владата додека премиер беше Зоран Заев, бугарскиот бизнисмен прашува „дали да бидеш гостин на господинот Заев е обвинение?“.

-Нема ништо чудно или скриено во врска со мојата средба со тогашниот ваш премиер, која се одржа во 2017 година во присуство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот струмички дедо Наум. Тема на нашиот разговор беа конкретни предлози за зајакнување на добрососедските односи меѓу двете земји. Акцентот беше најмногу на тоа што можам да направам за да помогнам. Го известив премиерот дека ќе ви го донесам Светиот оган и ќе помогнам колку што можам за признавањето на Македонската православна црква од нашата (која во тоа време беше поканета да и биде црква-мајка). Разговорот се одвиваше во пријателска атмосфера. Тој продолжи со конструктивни иницијативи за успешна билатерална соработка во рамките на европските интеграции. Некои од нив се веќе исполнети. Тоа главно се однесува на работата со децата од двете страни на границата – заеднички образовни проекти (во континуитет), средби меѓу директорите на училиштата од двете страни на границата (одрживме една, финансирана од мене и бугаркото Министерство за образование и Култура), моја донација за најголемиот храм на територијата на РСМ – оној во Делчево, општи прослави итн, истакна Врабевски и додаде дека „нема ништо чудно во тоа што филантропи како мене се во постојана комуникација со политичарите“.

– Минатата година имав и лична средба со претседателот Пендаровски, со предлог од моја страна да се формира граѓанска иницијатива во РСМ за стабилна позиција за евроатлантската ориентација на Македонија и надминување на спорот со Република Бугарија, заклучува Врабевски во одговорот.

Н.П.

Слични содржини