Вработените во прилепскиот затвор на протест, бараат да не се носат осуденици од висок ризик

од Vladimir Zorba
270 прегледи

Вработените во прилепскиот Казнено-поправен дом денеска почнаа двочасовен протест пред затворот и бараат да не се носат осуденици од висок ризик затоа што ниту бројноста на вработените, ниту опременоста, а и местоположбата на институцијата не се соодветни.

Ситуацијата е критична, велат од Независниот синдикат на затворската полиција и администрација кои го почнаа протестот.

– Сакам да известам за крајно сериозната ситуација во која се наоѓаат дел од затворите во државава во кои од пред извесен период се прераспределени лица од висок ризик, а затворите и затворските полицајции немаат услови да се справат со предизвиците. Еден од нив е и затворот во Прилеп каде веќе состојбата е загрижувачка и во делот на условите за обезбедување и во делот на човечки персонал. Директорот на Управата за санкции го посети затворот во Прилеп и нѐ извести дека не е во можност да ни излезе во пресрет и нѐ упати до министерот за правда. Ние упативме барање и до ден-денеска немаме одговор, изјави Сашо Гулески, претседател на независниот синдикат на затворската полиција и администрација во КПД – Прилеп.

Како што дополни, неговите барања се да ги повлечат затворениците од висок ризик и сѐ додека не се создадат услови во прилепскиот затвор, да не носат осуденици од висок ризик.

– Загрозена е безбедноста на колегите, затворот и управата не се во можност да излезат во пресрет да ги обезбедиме затворените лица. Комисијата од Управата констатира дека затворот во Прилеп не може да биде КПД, туку дека бараме да се врати како Установа. Сѐ додека не се направи затворен келиски систем, ние немаме услови физички да ги обезбедиме сите, дополни Гулески.

Владимир Литовски, претставник на независниот синдикат на полицијата вели дека се свесни во каков период се случуваат овие протести, односно дека е предизборие. Поради тоа, како што рече, истакнуваат дека овие протести немаат никаква политичка конотација.

– Станува збор за вработените во затворската полиција кои се соочуваат со реални проблеми за што некое време се ургира до Управата за извршување санкции и до директорот со кои се остварени средби. Во последниот период се вршат прераспределувања на затвореници од висок ризик од затворот Идризово низ другите затвори во земјава. Затворот во Прилеп, во кој се распределени затвореници, извршители на потешки кривични дела не е затвор кој исполнува ниту инфраструктурни ниту кадровски услови за да може да прифати ваков тип на затвореници, рече Литовски.

Во прилепскиот затвор се 54 затворски полицајци, а треба да се двојно повеќе.

 

Слични содржини