Вработените во секторот образование бараат К-15

од Берта Китинска
350 прегледи

Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) преку соопштение реагира на одлуката донесена на вчерашната Владина седница за склучување Колективен договор со државната администрација, во кој меѓу другото е предвидена исплата на К-15.

-Како НСОН ја поздравуваме одлуката за враќање во сила исплатата на регрес за годишен одмор (популарно К-15), одлука но во исто време прашуваме: Зошто секторот образование е изземен, а вработените во овој сектор се донесени во понеповолна позиција од другите вработени во јавниот сектор? Зошто вработените во секторот образование се секогаш последни на листата за унапредување на работнички права?, прашуваат од овој синдикат.

Воедно, ги повикуваат вработените во образование уште помасовно да пристапат во НСОН, со цел, како што велат, постигнување на репрезентативност и потпишување соодветни колективни договори.

-Во меѓувреме, го потсетуваме репрезентативниот синдикат СОНК дека треба да се преземат соодветни мерки за надминување на нееднаквоста која ги засега вработените во образование. Постои големо незадоволство кај просветните работници по однос на настанатата дискриминација и поради тоа го поттикнуваме репрезентативниот синдикат СОНК, доколку не дојде до брзо решение да го искористи правото на започнување на штрајк на кој ќе добие поддршка од мнозинството вработени во секторот образование, се наведува во соопштението од НСОН.

Колективниот договор за државната администрација треба да биде потпишан утре со репрезентативниот синдикат УПОЗ, а од страна на Владата ќе го потпише министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Слични содржини