На денешен ден 27 септември 
1601.- Роден е францускиот крал Луј XIII, кој во текот на владеењето од 1610 до 1643 година завел апсолутизам со помош на кардиналот Ришелје. Го задушил востанието на хугенотите, продолжил со колонијалното ширење на Франција и ја започнал Триесетгодишната војна за ослободување од германското царство. Во времето на неговото владеење во 1635 година била основана Француската академија.
1825.- Англискиот пронаоѓач Џорџ Стивенсон управувал со својата парна локомотива која влечела 38 вагони на линијата Стоктон – Дарлингтон во Велика Британија. За кратко време железничката мрежа се проширила во цела Европа.
1854.- Во Атлантскиот Океан се случила првата несреќа – потонал парабродот „Арктик“ со околу 300 луѓе.
1908.- Вo Солун излегол првиот број на весникот на македонските револуционери „Единство“, што излегувал под редакција на Димитар Влахов. Се печател двапати во неделата. Последниот број се појавил на 5 јануари 1909 година. Овој е еден од најпрогресивните весници што се појавиле по Младотурската револуција. Се застапувал за доследно и крајно спроведување на револуцијата, за организирање на демократијата и револуционерните сили против реакцијата. Се борел против политиката на Егзархијата во Македонија во Одринско.
1917.- Умрел францускиот сликар, графичар и вајар Илер Жермен Едгар Дега, виртуозен цртач, сликар кого најмногу го интересирале живите и различни движења. На почетокот бил реалист, а подоцна се преобразил во импресионист. Во маслена техника изработил повеќе портрети, особено во младоста, а подоцна повеќе се служел со пастел. Во зрелите години работел исклучиво фигури. На крајот од животот работел и на ситни фигури кои ги правел од восок и глина.
1920.- Во Крушево е роден Таки Хрисик, македонски композитор и музички педагог. Работел како диригент на хорот “Стив Наумов”. Умрел во Скопје, на 15 ноември 1983 година.
1921.- Умрел германскиот композитор Енгелберт Хампердинк, професор на конзерваториумите во Барселона, Келн, Франкфут на Мајна и во Берлин.
1929.- Грчкиот крал Константин Први поради воениот пораз во војната со Турците бил принуден по две години владеење по вторпат да абдицира со што и дефинитивно бил симнат од престолот. Станал крал во 1913 година, но во 1917 година првпат абдицирал бидејќи неговата одлука за неутралност на Грција во Првата светска војна предизвикала големо незадоволство и кај грчкиот народ и меѓу западните сојузници.
1939.- По 19-дневен отпор Варшава паднала во рацете на германските трупи.
1940.- Во Берлин, Италија и Јапонија потпишале 10-годишен воен и економски пакт и формално создале сојуз на фашистички сили познат под името Оската Берлин-Рим-Токио.
1947.- Во Варшава на советувањето на комунистичките партии на СССР, Југославија, Бугарија, Романија, Унгарија, Чехословачка, Полска, Франција и Италија, било основано Информационото биро на партиите (Информбиро) со седиште во Белград. Информбирото било распуштено во 1956 година.
1959.- Тајфун усмртил безмалку 5.000 луѓе на јапонскиот остров Хонс.
1970.- Јорданскиот крал Хусеин и водачот на Палестинската ослободителна организација Арафат се состанале во Каиро со шефовите на државите и на владите на десет арапски земји и потпишале спогодба од 14 точки, со која завршила Граѓанската војна во Јордан.
1990.- Иран и Велика Британија ги обновиле дипломатските односи кои Техеран ги прекинал во 1989 година поради книгата „Сатански стихови“ на британскиот писател од индиско потекло Салман Ружди. Дипломатските односи на амбасадорско ниво биле подигнати во 1998 година.
1993.- Република Македонија била примена за член на Меѓународната агенција за атомска енергија.
1994.- Република Македонија воспоставила дипломатски односи со Португалија и со Кралството Саудиска Арабија.
1994.- Во Скопје било основано Македонско-кинеското друштво за пријателство и соработка.
1995.- Израелската влада се согласила на Палестинците да им предаде голем дел од Западнит брег кој 28 години пред тоа бил окупиран.
1995.- Република Македонија била примена во Советот на Европа како 38-ма членка (свечениот прием бил извршен на 9 ноември 1995 година).
1996.- Силите на фундаменталистичкото исламско движење на талибанците го зазеле Кабул, главнот град на Авганистан, и го обесиле Наџибул, поранешен шеф на државата.
1998.- На парламентарните избори во Германија победила Социјалдемократската партија. Лидер на Социјалдемократската партија бил Герхард Шредер кој станал шеф на владата. Шредер го прекинал 16-годишното владеење на канцеларот Хелмут Кол, лидер на Христијанско-демократската унија.
2000.- На врвот на планината Водно (место Крстовар) над Скопје, на православниот празник Крстовден, а по повод одбележувањето на 2000-годишината од Христовото раѓање, бил поставен камен-темелникот на Милениумскиот крст.
2001.- Владата на Република Македонија донесла одлука – согласност за распоредување на силите на НАТО „Килибарна лисица“ на територијата на Република Македонија заради спроведување на мисијата за обезбедување дополнителен придонес за безбедноста на меѓународните посматрачи, што НАТО ќе ја извршува врз основа на барањето на Република Македонија.
2002.- Источен Тимор, поранешна територија во состав на Индонезија и некогашна португалска колонија, е првата држава создадена во 21. век која станала 191 членка на Обединетите нации.
Избор МИА