Врховниот суд за денеска попладне го закажа стартот на седницата на која првиот човек на највисокиот суд во државата, Јово Вангеловски ќе ги образложува точките за „бомбите“ и за притворот на Сеад Кочан.

Врховниот суд за денеска го закажа продолжението на општата седница на која ќе се разгледуваат двата реферата на Јово Вангеловски, за тоа дали прислушуваните материјали можат да бидат користени во доказната постапка и за барањето за заштита на законитоста поднесено од државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, околу притворот на бизнисменот Сеад Кочан.
Вангеловски се повикува на досегашната судска пракса дека доказите прибавени на незаконит начин не може да бидат употребени како доказ во судска постапка.
Во Врховниот суд има спротиставени мислења по овие предлози на Вангеловски.
Продолжението на седницата беше одложено на неодредено време, поради болест на неколку судии. Неизвесноста останува у за денеска со оглед на тоа што судиите Лидија Неделкова и Исамедин Лимани нема да учествуваат во расправата, заради тоа што поранешната судијка е веќе изземена од Кривичниот совет кој треба да одлучува по предмет на СЈО, а нејзиниот колега се повлекол самиот .Претходната седница беше одложена бидејќи, како што известија од Врховен, поголем број од судиите во советот биле болни.