Врховниот суд, највисоката американска правосудска инстанца, му одобри обвинителот во Њујорк да набави даночни пријави и други финансиски податоци на поранешниот претседател Доналд Трамп, како дел од кривичната истрага што се води против него.
Судиите го отфрлија барањето на Трамп за одложување на примената на судската одлука донесена на 7 октомври, според која на сметководствената компанија „Мазарс САД“ им е наредено да ги предадат материјалите и податоците на големата порота свикана од окружниот обвинител Сајрус Венц, окружен обвинител од Менхетен , од редовите на Демократската партија.
На Врховниот суд му беа потребни неколку месеци да се произнесе за случајот. Институцијата, која се состои од тројца судии назначени од поранешниот претседател, не се огласуваше за време на изборниот процес и периодот во кој Трамп поднесе приговори за поразот.
Тоа го стори еден месец по завршувањето на мандатот на поранешниот претседател, пренесува „Гласот на Америка“.
Случајот се однесува на даночните записи на Трамп како приватно лице и бизнисмен во последните осум години. Во врска со ова – обвинителите не обелоденија премногу информации.
Во еден судски запис во текот на изминатата година, тие наведоа дека со право бараат пристап до евиденцијата поради, како што прецизираа, извештаи во јавноста за можно значајно и долготрајно криминално однесување во организацијата на Трамп.
Дел од истрагата се однесува на исплати на актерката во индустријата за возрасни Сторми Даниелс и манекенката Карен Мекдугал со цел да не ги откриваат деталите за наводната афера со Трамп за време на претседателската кампања во 2016 година.
Трамп негираше дека имал вонбрачни афери со нив.
Во јули 2020 година, судиите на Врховниот суд го отфрлија аргументот на Трамп дека претседателот е имун на истрага додека е на функција или дека обвинителот треба да покаже поголем степен на потреба да ги открие даночните записи на шефот на државата.
Таа одлука беше поддржана од Нил Горсах и Брет Кавано, кои беа избор на Трамп за судии на Врховниот суд. Одлуката беше донесена и објавена пред Еми Кони Барет, третиот избор на поранешниот претседател, да ја наследи Рут Бадер Гинцберг како судија.
Дел од пресудата беше и одлуката за враќање на случајот во надлежност на судовите од пониска надлежност. Исто така беше одлучено дека податоците за даночните записи на Трамп нема да бидат објавени додека течат судењата пред тие судови.
Адвокатите на Трамп прибегнаа кон дополнителни аргументи објаснувајќи зошто даночните податоци на Доналд Трамп не треба да се откриваат – но тие беа одбиени пред федералниот суд во Њујорк во редовна постапка и по жалбата.
Станува збор за пресуди чие стапување во сила поранешниот претседател на САД настојуваше да го одложи.