Врховниот суд утврди начелен став за објавувањето на донесени одлуки на веб страниците на судовите

од Stefanija Kuzmanovska

Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска одржа Општа седница на која утврди Начелен став за објавувањето на донесени одлуки на веб страниците на судовите.

„Судовите, донесените одлуки (пресуди и решенија) кои не се правосилни и кои се однесуваат на предмети од јавен интерес да ги објавуваат на веб страницата на судот”, утврдува начелниот став.

Начелниот став на Општата седница беше предложен од претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми.

„Достапноста до судските одлуки е особено значајно за судската, стручната, медиумската и граѓанската јавност. Со ова, преку конкретно решавање на правното прашање, се исполнуваат целите на транспарентноста, систематизирани во Уставот како највисок правен акт, во нормативната рамка на процесните и системските закони, Европската конвенција за заштита на човековите права и практиката на Европскиот суд за човекови права”, образложи претседателката на Врховниот суд.

Врховниот суд го донесе Начелниот став врз основа на член 37, став 1, алинеја 1 и 3 од Законот за судовите, според кои Општата седница утврдува начелни ставови и разгледува прашања во врска со работата на судовите.

Исто така, Општата седница донесе Заклучок за поднесување Иницијатива до Министерството за правда за измени на одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Слични содржини