Втор круг избори во Турција

од Vladimir Zorba

Над 64 милиони гласачи во Турција денеска, во вториот круг од претседателските избори, ќе го изберат шефот на државата. Трката се одвива меѓу Реџеп Тајип Ердоган, актуелниот шеф на државата и кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу.

Пред две недели се одржаа парламентарните и првиот круг од претседателските избори во Турција. Народната алијанса на Ердоган освои мнозинство во Парламентот, додека за претседателската трка се одржува втор круг бидејќи ниту еден кандидат не доби просто мнозинство, односно повеќе од 50 отсто од гласовите. Ердоган водеше во првиот круг со освоени 49,52 отсто од гласовите.

Ердоган во вториот круг ќе се соочи со Кемал Киличдароглу, лидерот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) и заеднички кандидат на шестпартиската опозициска Национална алијанса.

Гласањето за турската дијаспора заврши и во Анкара веќе пристигнаа околу 1,89 милиони гласови од странство, кои ќе бидат преброени по завршувањето на изборниот ден.

Ердоган водеше во првиот круг со два ипол милиони гласови пред опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, кој е поддржан од шест партии.

Додека Ердоган нуди стабилност, силен лидер за силна Турција, со слоганот „Вистинскиот човек во вистинско време“, Киличдароглу радикално ја промени својата стратегија меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори.

Слични содржини