Вториот случај на индискиот сој на коронавирус е потврден во земјава, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Тој од Битола изјави дека станува збор за колега на првиот пациент кај кој беше потврден тој мутиран сој, со кого работеле заедно во Ирак.
„Ова е колега од првиот откриен случај на овој мутиран вирус, кој беше регистриран во нашата земја на 7 јуни. Двајцата работеа во Ирак, се вратија со истиот лет, а кај другиот пациент се појавиле симптомите подоцна“, рече Филипче.
Министерот за здравство посочил дека состојбата на другиот пациент заразен со индискиот сој на Ковид-19 „е под контрола и не претставува ризик“.
Филипче додаде дека не постои ризик од ширење на болеста и дека нема потреба од дополнителни мерки, нагласувајќи дека вакцините штитат од сите тешки форми на болеста, дури и во таква мутирана форма.