Коалицијата предводена од СДСМ денеска централни собири ќе одржи во Валандово и Кавадарци, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Радовиш и Струмица. Иницијативата „Зелен Хуман Град“ ќе одржи прес-конференција на тема „Изградба на зграда” во Скопје, а Движењето „Одлучно за промени“, предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП ќе има изборни активности во Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци. Претседателот на Левица, Димитар Апасиев и носители на листи ќе бидат во Богданци и Гевгелија, а Движењето „Беса“ изборни активности ќе има во скопски Бутел и Шутка.
Политичките партии и независните кандидати своите програми за Локалните избори вчера ги претставија во повеќе градови и населени места.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев синоќа на централниот митинг во Тетово рече дека во нивната програма се наведени реални, остварливи проекти и дека за овој град имаат стратешки инвестиции кои ќе донесат нови огромни можности за забрзан економски раст.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешниот митинг во Кисела Вода истакна дека ова се избори на кои се одлучува во каков правец ќе продолжи да се движи државата – дали со ова, како што рече, мачно и тешко секојдневие со многу корупција, криминал и неправди или во сосема спротивна насока на нова иднина, промени, проекти, победи, развој и просперитет.
Мицкоски изнесе низа обвинувања за актуелната власт, оценувајќи дека земјава денес е најкорумпирана и најкриминална држава во Европа.
-Неопходно ни е ново владино и парламентарно мнозинство, а јас ви ветувам одговорност за направеното во изминатите четири години. Потрошија 16 милијарди евра, ветуваа автопати, 500-600 километри експресни патишта, дека ќе ги донесат „Гугл“ и „Икеа“, секое семејство го задолжија за 4.500 евра, а последни сме во Европа, младите се селат како никогаш претходно. Ветуваа европско здравство, а добивме смртност како во неразвиените африкански држави. Тоа нема да го заборавиме, порача Мицкоски.
Демократската унија за интеграција синоќа ја продолжи предизборната кампања со собирот во општина Студеничани каде ги претстави кандидатот за градоначалник Ејуп Абази, листата на кандидати за советници предводена од Ибрахим Рамадани и изборната програма заснована на зелената агенда и нејзините проекти за квалитетен живот.
Кампањата ќе трае 20 дена, до 15 октомври, а за вториот круг избори што ќе се одржи на 31 октомври, кампањата ќе трае до 29 октомври.