ВТОРИОТ БРАН Е ТУКА, А ИМУНИТЕТОТ НА КОРОНАТА Е МИСТЕРИЈА: Студија дава одговор колку сте безбедни ако сте го прележале вирусот!

од Stefanija Kuzmanovska
501 прегледи

Официјално, во светот има пет случаи кога некој по втор пат е заразен со коронавирус. Најновиот случај е пријавен во САД. Ова е 25-годишен млад човек од Невада. Дали сега знаеме повеќе за имунитетот на SARS-CoV-2?

Неколку лекции од корона-кризата 2020 година: прифативме или барем се навикнавме на фактот дека има повеќе прашања отколку одговори за Ковид-19 – да речеме кога станува збор за тоа колку долго вирусот може да преживее на површината, симптомите на инфекција или имунитет по прележаната болест.

А сепак, со секоја новост, со секое ново истражување, се надеваме на ново знаење.

Така е и со студијата објавена во стручното списание „The Lancet – Infectious Diseases“. Таа се занимава со петтиот пријавен случај во светот на повторна инфекција со корона – тоа е, откако некое лице повторно се заразува со Ковид-19 неколку недели или месеци по првата инфекција.

Дури и по оваа студија, прашањата во врска со имунитетот остануваат отворени и потребни се дополнителни истражувања – ова е заклучокот на научниците кои учествуваа во истражувањето. Сепак, тие поставуваат различни хипотези и покануваат други научници да се справат со сложувалката во однос на имунитетот.

Пациент од најновата студија, 25-годишен млад човек од Невада во САД, бил позитивно тестиран за две различни инфекции со вирусот SARS-CoV-2 во рок од 48 дена.

Ова потврдува дека нова инфекција може да се појави за краток временски период – и може да биде потешка. Помеѓу првата инфекција во април 2020 година и втората во јуни, младиот маж бил тестиран на двапати негативно за вирусот.

Во јуни 2020 година, откако се појавиле силни симптоми на Ковид 19 – треска, главоболка, несвестица, кашлица, гадење и дијареја – пациентот бил пренесен во болница и по втор пат бил позитивен на тестот. Во меѓувреме, младиот човек е отпуштен од болницата и добро се опоравува по втората инфекција.

Авторите на студијата проценуваат дека претходната изложеност на Ковид-19 не мора да доведе до целосен имунитет, но исто така и дека се потребни дополнителни истражувања во врска со повторна инфекција.

Советуваат дека сите лица, без оглед на тоа дали имале Ковид-19 или не, да ги преземат истите мерки на претпазливост за да спречат инфекција – тоа е: држење дистанца, носење маска и редовно миење на рацете.

„Сè уште има многу непознати информации за вирусот SARS-CoV-2 и реакциите на имунолошкиот систем, но нашите резултати покажуваат дека претходната инфекција со SARS-CoV-2 не мора да заштитува од идна инфекција“, изјави водечкиот автор на студијата Марк Пандори од лабораторијата за јавно здравје на Универзитетот Невада

„Важно е да се има предвид дека ова е откритие во поединечен случај и дека не овозможува следење на овој феномен. Иако се потребни дополнителни истражувања, можноста за повторна инфекција би можела значително да влијае на нашето разбирање за имунитетот на Ковид 19, особено во отсуство на ефикасна вакцина“.

Геномите на примероците од вирусот на тој пациент од април и јуни, кои беа анализирани, покажаа значителни генетски разлики помеѓу двата случаи. Ова укажува дека пациентот двапати бил заразен со два различни вируси SARS-CoV-2, тврдат научниците.

Најмалку четири случаи на повторна инфекција се потврдени кај пациенти во Белгија, Холандија, Хонг Конг и Еквадор. Но, само кај пациентот во Еквадор, заедно со оној од САД, болеста беше потешка отколку кај првата инфекција.

„Потребни се повеќе истражувања за да се разбере колку може да трае имунитетот кај лице кое било изложено на вирусот SARS-CoV-2 и зошто некои од овие други инфекции се ретки, но потешки“, вели Пандори.

„Досега видовме само мал број на повторни инфекции, но тоа не значи дека нема повеќе, особено затоа што многу инфекции со вирусот SARS-CoV-2 се асимптоматски. Во моментов можеме да шпекулираме само за причините за повторената инфекција“, вели авторот на студијата.

Слично на пациентот во Еквадор, пациентот од САД имал потешки симптоми на втора инфекција, додека пациентите од Белгија, Холандија и Хонг Конг немало разлика кога станува збор за симптомите.

Авторите имаат неколку хипотези зошто симптомите на втората инфекција можат да бидат потешки. Можно е пациентот да е заразен по втор пат со многу поголема количина на вирус отколку првиот пат, или дека пациентот е заразен со поактивна варијанта на вирусот.

Втората хипотеза е дека можната причина е принципот „Antibody-Dependent-Enhancement“ (ADE), односно фактот дека вирусите го користат имунолошкиот систем за да го заразат телото уште поефикасно и помасовно. Овој феномен е веќе забележан кај бета-коронавирусот SARS-CoV и други болести, како што е денга треска.

Во такви случаи, антителата се лепат на површината на вирусот, но не ги уништуваат, туку им помагаат на клетките подобро да ги прифатат – а со тоа всушност ја зголемуваат инфекцијата, односно помагаат на вирусот да се размножува.

Покрај тоа, авторите пишуваат дека постои можност – иако многу мала – за трајна инфекција која содржи некаква форма на активирање и деактивирање. Но, за да се докаже оваа хипотеза како точна, потребно е да постои одредена стапка на мутација на вирусот SARS-CoV-2. Коронавирусот навистина мутира, но стапката на мутација не е толку голема како кај грипот, објасни неодамна вирусологот Хендрик Штрек во интервју за ДВ.

Друга можност ќе биде истовремена инфекција со двата вида на вирус. Ова би значело дека вториот тип на вирус не е откриен во април, а првиот тип веќе бил уништен до тестирањето во јуни.

Авторите признаваат дека не биле во можност да ја утврдат евалуацијата на реакцијата на имунолошкиот систем на првата инфекција со вирусот SARS-CoV-2, ниту да ја проценат ефективноста на одговорот на имунитетот на втората инфекција (на пример, антитела што се неутрализираат).

Не треба да се заборави дека сите потврдени повторни инфекции биле откриени кај пациенти кои имале симптоми на Ковид 19. Ова значи дека постои можност бројни инфекции или повторни инфекции да останеле неоткриени, бидејќи тие се асимптоматски и не се опфатени со тестови.

„Генерално, и на САД и на светот им недостасува сеопфатно геномско секвенционирање на позитивни случаи на Ковид-19, како и можности за скрининг и тестирање, што ја ограничува можноста на научниците и вработените во јавното здравство вирусот да го дијагностицираат, следат и да успеат да го следат наназад патот на неговиот развој“, пишува авторот на студијата Пандори.

 

Слични содржини