Во пресрет на зимата се уште се бара решение за тоа како ќе продолжи наставата во училиштата.
Градоначалниците од Полошкиот регион во вторникот побараа од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите. За ова се разговараше на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион, а идејата доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој пред неколку недели ја спомена можноста во изјава за медиумите.
-Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електирчна енергија, да не се одржи онлајн настава. Ќе треба поддршка од Министерството и ЗЕЛС, а нас не поддржуваат и други градоначалници, изјави Таравари.
„Во интерес на учениците е настава со физичко присуство“
Портпаролот на Владата Душко Арсовски во средата нагласи дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство и додаде дека нема промена во начинот на нејзината реализација. Владата, како што рече, за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука.
Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на последната седница на Владата немало дискусија за тоа.
-На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука, рече портпаролот Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.
„НАЈДЕТЕ РЕШЕНИЕ“
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска на својот Фејсбук-профил објави дека Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) треба заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.
-Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците, наведува СОНК.
Се прават напори наставата во зимскиот период да се одвива со физичко присуство
Се прават напори за да им се излезе во пресрет на основните и на средните училишта и наставата во зимскиот период да се одржува со физичко присуство, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.
– Тоа е надлежност на општините, но децата многу изгубија во време на ковид пандемијата и сега заради енергетската криза подобро да им помогнеме на училиштата отколку да ги оставиме децата да изгубат многу. Потрошувачката за петте месеци, од ноември до март, за сите училишта на ниво на државата е околу 10 гигават часови и тоа може да го обезбедиме преку ЕСМ и убеден сум дека ќе најдеме решение, рече Бектеши во централниот дневник на телевизија Сител.
Според неговите проценки, училиштата не би требало да имаат проблем до крајот на март. Несериозно е, смета Бектеши, тоа што 2487 правни субјекти во државата сеуште немаат склучено договори за снабдување со електрична енергија. Од нив, 60 проценти се под надлежност на локалната власт.
– Не е во ред училиштата да се остават без снабдувач со електрична енергија затоа што кога немаш снабдувач со електрична енергија, а на берза цената е 400 евра, автоматски треба да платат 600 евра за да не останат неснабдувани објектите со електрична енергија. Сите правни субјекти ги знаеле роковите кога им истекуваат договорите, истакна Бектеши, додавајќи дека во надлежност на општините е набавката на електрична енергија за училиштата.