Лидерот на српската владеачка партија СНС и советник на претседателот за регионални прашања, Милош Вучевиќ изјавил дека претседателот Александар Вучиќ ги почитувал сите правила и процедури при посетата на повредените во дискотеката „Пулс“ кои беа на лекување во Клиничкиот центар на Србија.
– Претседателот Вучиќ ги почитуваше сите правила и процедури односно носеше маска и медицински мантил. Преземени беа сите превентивни мерки за време на посетата. Неговата посета беше во контекст на пораки до повредените и граѓаните на Северна Македонија дека сме тука. И сме горди на тоа, рекол претседателот на СНС, пренесуваат српските медиуми.
Тој додал дека е очигледно дека немаат за што друго да го обвинат Вучиќ, па затоа подготвиле кривична пријава против него за посетата на повредените.
– Не заборавајте дека дојдоа да свират и негодуваат пред Ургентниот центар каде што се лекуваат луѓе и каде што им се укажува медицинска помош, заклучил Вучевиќ.
Студентите во блокадата на Правниот и медицинскиот факултет на Универзитетот во Белград ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Србија за сериозни прекршувања на законот и Уставот, на 17 март „во врска со повреда на правата од областа на здравствената заштита и загрозување на здравјето и животот на пациентите“. Ова беше во период кога дел од повредените македонски државјани се лекуваа во Белград.
„Никој не сакаше да ме пушти, тоа беше моја волја. Не мора да бркаат никого, влегов сам“, рече Вучиќ на 9 април.