Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа од Давос изјави дека во земјите од регионот има опаѓање на ентузијазмот за влез во ЕУ, особено во Северна Македонија и Србија – пред се поради политичките барања што доаѓаат.
Зборувајќи за економската состојба, Вучиќ посочува дека „нема да можеме да сметаме на огромниот прилив на европски инвестиции и големата поддршка што ја имавме претходно, туку ќе мора да се потпреме на сопствените сили“.
Денеска, вели, ќе има многу тежок разговор со „големата петорка“.
„Ги интересира како Косово ќе биде примено во меѓународните организации, тоа е смислата и како Србија ќе се откаже од Косово“, вели Вучиќ, нагласувајќи дека се надева оти разговорите ќе бидат помалку тешки отколку што очекува.
Вучиќ во интервју за РТС изјави дека за време на Светскиот економски форум во Давос се обидел да има рационален пристап.
– Растот во еврозоната и ЕУ ќе биде меѓу 0,5 и 0,7 отсто во следните неколку години, доколку војната во Украина брзо не се прекине. Што значи дека нема да можеме да сметаме на огромен прилив на европски инвестиции, ниту на толку голема поддршка што ја имавме претходно, па така да се потпреме на сопствените сили и да видиме што можеме сами да направиме – вели Вучиќ.