Вучиќ најави набавка на ново оружје од Русија, побарал „што поскоро да пристигне“

од Milan1

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека наскоро од Русија ќе пристигне нова воена опрема. По средбата со рускиот лидер Владимир Путин во Сочи на 25 ноември, тој рече дека „се молел одредени работи побрзо да стигнат до Србија“, оценувајќи дека воено-техничката соработка е многу добра.

„Значи првите работи ќе ги имаме пред крајот на годината во Србија. Тоа не се стратешки нешта, но тактичките се многу важни. Станува збор за корнети, односно лансирни рампи за корнети и ракетни корнети за противтенковски дејства. Исклучително важно за нашиот терен“, изјави Вучиќ за телевизијата Пинк.

Вучиќ најави уште набавки, без да прецизира за што се работи.

„Ќе има други важни главни нешта од стратешки интерес за Србија во иднина, а не во далечна иднина“, рече Вучиќ.

Србија поради соработката со Русија е мета на критики од Западот бидејќи како земја кандидат за членство во Европската Унија се уште не ја усогласила својата надворешна политика со европската.

Воената соработка меѓу Србија и Русија го загрижува и Западот. Во јуни, известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, оцени дека заедничката воена вежба со Белорусија и Русија не и помага на напредокот на Србија во европските интеграции.

Слични содржини