Во Република Србија нема заразени со коронавирус, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со претставници на сите здравствени и други институции кои учествуваат во борбата против коронавирусот.
Вучиќ на прес конференција која беше директно пренесувана од неколку ТВ станици, посочи на „кампањата на лаги и невистини на социјалните мрежи“ дека во Србија има починати од коронавирусот.
-Не само што нема жртви, туку ние немаме ниту позитивни на коронавирусот. Значи, во моментов во Србија нема коронавирус, кажа Вучиќ.
Вучиќ порача дека се договорени комплетни мерки за превенција и итна реакција на сите надлежни органи на Србија во случај на појава на коронавирус.
-Ние предвидовме сè до најмали детали. Од тоа да го зголемиме бројот на санитетски службеници на граничните премини кои не се покриени со медицински тимови. Значи, на сите поголеми премини, особено кон Хрватска, Унгарија, на сите три аеродроми, имаме медицински екипи, ќе ги зајакнеме санитетските тимови и кон Бугарија и Северна Македонија, кажа Вучиќ кој додаде дека Србија нема да ги затвара границите, ниту ќе ја менува својата меѓународна агенда на посети.
Ги подготвивме сите наши установи, објекти, простории, ги уредивме за потенцијални пациенти, направивме се што е потребно за да ги излечиме. Побаравме од две компании што произведуваат заштитни маски да го забрзаат своето производство. Нема да имаме никакви проблеми освен проблемот со намерна или случајна паника, кажа Вучиќ.
Вучиќ се осврна и на економскиот аспект на оваа епидемија.
-Никаква паника не треба да има на пазарот. Барам од луѓето да не купуваат брашно, конзерви. Имаме сè што сакате, нема потреба да трошите пари, кажа Вучиќ.
Според него, власта нема да кажува дека не постои опасност, но нема ни да претерува, додавајќи дека е потребно да се „спушти топката“.
На состанокот во зградата на Претседателството на Србија присуствуваа министерот за здравство Златибор Лончар, директорот на Институтот за јавно здравје Верица Јовановиќ, директорот на РФЗО Сања Радојевиќ Шкодриќ, директорот на Инфективната клиника Горан Стевановиќ, искусниот инфектолог Миомир Племиш, кој ги предочи на Вучиќ сите информации за новиот вирус, како и пресекот на тековната ситуација. На состанокот присуствуваа и министрите Небојша Стефановиќ, Синиша Мали, Александар Вулин, полицискиот директор Владимир Ребиќ.