Вучиќ по победата: Жените никогаш не гласаат за некој кој е убав!

од Vladimir Zorba
271 прегледи

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, вечерва по убедливата изборна победа изјави дека многу жени гласале за нивната листа и рече дека тие најдобро знаат што е безбедност и стабилност.

„Жените никогаш не гласаат за некој кој е убав, туку за сигурна иднина“, рече Александар Вучиќ по објавувањето на големата изборна победа.

Според нивните анкети, како што рече Вучиќ, околу 62% од жените гласале за листата „Александар Вучиќ – За нашите деца“.

„Ваквата поддршка за нашата листа е, секако, дополнителен товар за нас. Никој досега не ја имал оваа голема поддршка, ние не водевме ниту една војна, ниту една глава не страдаше заради нашата политика. Направивме Србија да има најголем економски раст“, рече претседателот на прес-конференцијата во седиштето на СНС.

Вучиќ рече дека огромен број млади луѓе ќе добијат можност да влезат во Собранието.

„Горд сум на фактот дека имаме огромен број на млади. Тоа значи дека голем број „клинци“ ќе влезат во Собранието“, истакна Вучиќ.

Вучиќ рече дека пред него има многу тешка недела и дека нема да може да ја прослави изборната победа и да се радува на неверојатниот резултат.

“(Мирослав) Лајчак ќе пристигне утре. Јас нема да имам време за насмевки и радост. Летам за Москва, кон Вашингтон … некои други ќе можат да се радуваат на неверојатниот изборен резултат“, рече Вучиќ.

Вучиќ истакна дека граѓаните на Србија се одлучиле за иднината, а за политичките противници изјави: „Сите заедно кога ќе ги соберете, не можат да соберат толку гласови колку што ние добивме. Сите генијалци до генијалци, а ние сендвичари“.

„Ќе мораме да бидеме уште повнимателни и ќе мора да промениме многу во СНС и треба да бидеме среќни поради тоа. Ова е единствениот начин да покажеме каква иднина ќе имаме и дека сме подготвени да смениме сè што не е добро со нас. Затоа е многу важно за мене да има ваков вид консензус во општеството. Сега беше јасно дека медиумите и парите не се сè, дека мора да имате план, програма, политика … “, рече Вучиќ и посочи дека граѓаните на Србија никогаш не му дале на никој толку многу доверба.

„Тоа е огромна обврска за нас и товар од 1.000 килограми. Јас лично ветувам дека ќе се борам за Србија заедно со сите луѓе секој ден“, истакна Вучиќ.