Вучиќ: С. Македонија го смени името за да почне пристапни преговори со ЕУ, а тоа се уште не се случи

од Nikola Popovski

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска на Стратешкиот форум Блед изјави дека Србија е целосно посветена на својот европски пат, но дека ентузијазмот за влез во ЕУ слабее не само во Србија, туку и на целиот Западен Балкан.

На панелот посветен на иднината на ЕУ, Вучиќ рече дека сите зборуваат за владеење на правото, зелена агенда, но кога станува збор за Западен Балкан, се вели дека регионот културно припаѓа на ЕУ и дека еден денот кога тие земји ќе станат членки.

„Би сакал да кажам нешто искрено сега и се надевам дека нема да се лутите. Ентузијазмот за пристапување, не само во Србија, повеќе не постои како некогаш. Тргнавме да најдеме свои начини за стимулирање на економскиот раст“, ​​рече тој.

Вучиќ рече дека Србија е горда што е меѓу водечките земји во Европа во однос на економскиот раст, благодарение на воспоставувањето на сопствени механизми и инструменти како што е иницијативата Отворен Балкан, која беше договорена бидејќи земјите од регионот сакаат да соработуваат без границите, иако на некои тоа не им се допаѓа, „бидејќи немаат контрола врз процесот “.

Тој го наведе примерот со Северна Македонија, која го смени името за да започне пристапни преговори со ЕУ, но тоа сe уште не се случи.

„Утре, на Албанија ќе ѝ биде кажано дека нема да бидат одделени нивните пристапни преговори од Северна Македонија, а подоцна Србија, која е препознаена по својот напредок во бројни области, ќе се соочи со забелешките на некои други. Не барам ничија помош, само ја кажувам вистината. Тоа го гледаме“, додаде Вучиќ, велејќи дека затоа земјите од регионот мора да бидат поблиску, да го зачуваат мирот и стабилноста.

Слични содржини