Вучиќ: Со новата пруга, до Скопје ќе стигнеме за три и пол часа

од Nikola Popovski
485 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска, по разговорите со претставниците на ЕУ во Брисел, известил дека изградбата на проектот Ниш-Приштина ќе започне на крајот на август и дека во договор е и железничка пруга до Прешево.

„Најважното нешто за што разговаравме тука во Брисел е тој фантастичен проект на брзата пруга Белград-Ниш, за кој добивме понуда од Кинезите, а потоа овде ни рекоа дека можат да ни дадат подобри услови. Реков, ајде да видиме. Добивме неверојатна цена и тоа ќе промени сè“, изјавил Вучиќ во обраќањето до јавноста од Брисел.

Според него, изградбата на тој автопат ќе придонесе за развој на Прокупље и Куршумлија, а како што вели, кога ќе имаат автопат, тогаш повеќе луѓе ќе ги посетуваат бањите.

„Ќе се молиме сè да биде готово до крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година“, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија им се заблагодарил на луѓето од ЕУ, потенцирајќи дека „ова е голема шанса за нас и голема надеж“.

„Искрено им благодарам, ќе добиеме 700 милиони, но тоа не се пари наеднаш, туку на ниво од пет години“, соопштил Вучиќ.

Тој најавил проекти кои „драстично ќе ја сменат неговата земја“.

„Делницата Белград-Скопје, ќе ни требаат нешто повеќе од 3 часа, околу 3 часа и 30 минути до Скопје од главниот град на Србија“, рече Вучиќ.

Денес во Брисел, Вучиќ разговарал со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и постојаниот известувач на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик .

Посетата на Брисел Вучиќ ќе ја заврши со работна вечера со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Слични содржини