Оваа година, според растот на бруто домашниот производ (БДП), Србија ќе биде најдобра во Европа и веруваме дека падот на БДП ќе биде помал од минус еден, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со министрите и директорите на јавните претпријатија задолжени за стратешки проекти од областа на инфраструктурата, рударство, енергија и економија.
Вучиќ на прес-конференцијата рече дека податоците укажуваат и на тоа дека Србија ќе биде најдобра во Европа „во областа на растот на БДП“ во тригодишниот период, кој го вклучува периодот до 2022 година, а можеби дури и подоцна, и дека тоа е „суштината на економијата“, а дека економскиот раст во 2021 година ќе биде шест проценти.
Ќе се обидеме да го вратиме целиот долг кон Азербејџан од 170 милиони евра до крајот на годината и со тоа да го намалиме нивото на јавен долг за 0,4 проценти, најави тој, појаснувајќи дека заемот за автопатот Чачак-Љиг е договорен во 2012 година со каматна стапка од четири проценти, што тогаш беше поволно, но дека денес кредитниот рејтинг на Србија е далеку подобар.
Вучиќ изјави дека за време на кризата, нивото на јавен долг во Србија се зголемил за 5,7 проценти и претставува 57,9 проценти од буџетот, но дека тој е под контрола.
Како што нагласи, проблемот е кога ќе се договорат големи инфраструктурни проекти и се земаат заеми, сè оди добро во првата година, а потоа секогаш се бара одредено одложување. „Отсекогаш сме планирале слабо“, вели тој.
„Сведок сум на ова во последните 30 години. Сакавме да се лажеме себе си, велејќи дека ќе бидеме подобри следната година, затоа секогаш планиравме поголеми приходи и пониски расходи во буџетот. Во последниве години, состојбата е подобрена, но јас не сум задоволен, спомена Вучиќ, особено изразувајќи незадоволство од планирањето на буџетот на локалните самоуправи. Подобро планирање е со големи проекти, додаде тој, но тука има многу проблеми, од иселувањето на Ромите од Раковица и Вождовац, проблеми со експропријација на Коридорот 11, каде што работите беа завршени пред да да заврши таа, но имаме и многу поголеми, на реконструкција на делницата од пругата Стара Пазова – Нови Сад. Има големи проблеми во модернизацијата на пругата, но ќе ја завршиме до крајот на следната година или неколку месеци подоцна. Ќе има големи маки“, оцени Вучиќ.
Говорејќи за енергијата, тој посочи дека останува да се види како да се извршат сериозни реформи во електро-енергетската индустрија на Србија и „Србијагас“ и дека верува дека гасоводот „Турски тек“ низ Србија ќе биде изграден до крајот на годината, за потоа да се рашират краци кон внатрешноста на земјата.
На средбата, спомена Вучиќ, беше разговарано и за преструктуирање на пет големи компании – Петрохемија, Симпо, Џумка, Ласта и Трајала. Тој исто така посочи дека Јадарит е голема шанса за рударската индустрија и дека со изградбата на фабриката за литиумски батерии, „милијарди евра годишно“ ќе останат во земјата.
Вучиќ рече дека на состанокот присуствувале и ресорната министерка Зорана Михајловиќ и директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, меѓу кои има јавна нетрпеливост и дека ги „замолил“ сите директори на јавни претпријатија да имаат врска со министрите.
„Не мора да биде љубов, но сè мора да работи на најдобар начин. Ако не, ќе мора да прибегнеме кон други мерки“, предупреди тој.
Одговарајќи на прашањето за фактот дека дури 22 директори на јавни претпријатија се В.Д., Вучиќ изјави дека станува збор за „голема аномалија“, што е критикувано и од претставници на ЕУ и затоа „наскоро“ ќе биде објавен конкурс за тие позиции.