Претседателот Александар Вучиќ вечерва околу 22 часот беше во Воено-медицинскиот центар за да ја види состојбата на патријархот Иринеј.
Оваа вест беше потврдена за Танјуг од кабинетот на претседателот Вучиќ.
Лекарите го информираа претседателот дека неговата светост е сè уште во многу сериозна состојба, на апарати за дишење.
Состојбата на српскиот патријарх Иринеј се влоши синоќа. Владиката Стефан Шариќ, викарен епископ на патријархот и старешина на Храмот Свети Сава, за „Блиц“ изјави денеска дека лекари од Србија и Руската Федерација се грижат за патријархот на Српската православна црква.
– Загрижени сме, очекувавме дека работите ќе се развијат во поинаква насока – рече владиката Шариќ.
Вучиќ, исто така, на прес денес изјави дека патријархот Иринеј бил интубиран во текот на попладневните часови и дека се наоѓа во сериозна состојба.
Да потсетиме, поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) беше хоспитализиран на 5 ноември во Воено-медицинскиот центар во Карабурма, откако редовниот тест, ден претходно, потврди дека е позитивен на коронавирусот.