Вучиќ: Бевме блиску до компромис за Косово – не ни требаат граници меѓу Србија, Македонија, Албанија…

од Nikola Popovski
886 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјавил дека за косовското прашање е потребен компромис, како и дека биле многу блиску до таквото решение, но дека не е постигнато, бидејќи, како што вели, Приштина не ги исполнува своите обврски. Сега, вели тој, нема ни разговор, иако Белград е секогаш подготвен за дијалог.

Вучиќ во видео интервју за швајцарски „Weltwoche“ изјавил дека длабоката врска на Србите со Косово не може да се прекине како што сакаат на Западот.

На прашањето за важноста на косовското прашање за него и за Србија, тој рекол дека ако почне да зборува за минатото и за српскиот народ, сите на Запад ќе му кажат дека е фокусиран на минатото.

Тој посочил дека на луѓето најмногу им пречат двојните стандарди во однос на прашањето за Косово и Украина, што, како што вели, се слуша на секој чекор во Белград.

„Потребно е компромисно решение, бевме блиску. Не сакаа тоа да се постигне. Сега сме далеку од компромисно решение, не ни разговараме меѓу себе, иако сме подготвени да разговараме. Не сакаат да формираат ЗСО, што е обврска од првиот договор. Ситуацијата е тешка, но ќе направиме се за да го зачуваме мирот“, рекол претседателот на Србија.

На прашањето што му е најважно во однос на Косово, Вучиќ изјавил дека е неопходно меѓусебно почитување.

„Не може да има еднострано решение, според кое Албанците добиваат се, а Србите губат се. Никој не е глупав во Србија. Знаеме колку е тешка ситуацијата, но затоа инсистираме на компромисно решение. Верувам во граѓаните на Србија, верувам во регионот. Ни требаат отворени граници или да немаме граници меѓу Србија, БиХ, Албанија, Северна Македонија… За жал, не сме блиску до тоа. Мора да ја ставиме економијата во фокусот. Од друга страна, ја имате војната во Украина, вжештени емоции… Кога разговарате со Србите за Косово – секоја песна што ја пееме доаѓа од Косово. Тоа не е ништо против никого, но ние сме длабоко поврзани со Косово. Не можете да ја прекинете таа врска на начин како што сакаат луѓето од Запад“, истакнал меѓу другото српскиот претседател.

Слични содржини