Вучиќ ги нарече студентите „терористи“ – дел од активистите пуштени во куќен притвор, протестите продолжуваат

од Марта Пешевска
46 прегледи epa07471829 Serbian President Aleksandar Vucic speaks during a common statement that concluded the Cvadrilateral Meeting Romania - Bulgaria - Greece - Serbia at Snagov Palace, 25 Km north from Bucharest, Romania, 29 March 2019. Romania holds the rotating Presidency of the Council of the European Union for six months, starting on 01 January 2019. EPA/ROBERT GHEMENT

По неколкудневни студентски и граѓански протести, Апелациониот суд во Нови Сад донесе одлука да им одреди куќен притвор на тројца од шесте уапсени активисти, обвинети за загрозување на уставниот поредок. Останатите тројца остануваат во затвор, поради што блокадата на судот продолжува.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, остро реагираше на одлуката, нарекувајќи ги демонстрантите „пучисти“ и „терористи“, а судот го обвини дека „им се додворува на блокадите“ и „донесува незаконски одлуки под притисок на улицата“.

Една од приведените, професорката по социологија Марија Васиќ, минатата недела започна штрајк со глад и жед, по повеќе од 60 дена поминати во притвор.

Иронично, додека Вучиќ ја критикуваше судската независност, неговата партија – Српската напредна партија (СНС) – најави сопствена блокада на судот, барајќи ослободување на четворица свои членови, уапсени по нападот врз студенти со бејзбол палки, при што еден студент беше тешко повреден.

Опозицијата оцени дека Вучиќ се обидува да ги изедначи мирните активисти со насилниците од својата партија, нарекувајќи го тоа „обид за релативизирање и политичка пресметка“. Судот донесе делумна одлука, но гневот на улиците не стивнува. Студентите бараат правдата да биде слепа за политика – и еднаква за сите.