Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, зборувал за економските мерки што планира да ги преземе неговата држава. Тој во телевизиско гостување, истакнал дека се прават големи работи.
– Не можете да бидете претседател без да бидете решен да ги следите големите работи. Да се подготвите за големи состаноци, но и да ги видите маките на секој човек. Проблемот на секој човек, оние кои не се богати и се лути мора да биде наша главна грижа. Се потрудивме со моите колеги да дојдеме до решение кое ќе го презентираме во наредните денови, рекол Вучиќ.
Српскиот претседател информирал дека во моментов се работи во најмалку пет области.
– Ги зедовме моделите на Унгарија, Романија, Северна Македонија, за да видиме како да ги намалиме цените на најголемиот дел. Видете каков трик користеа трговците. Јас сум против тоа да бидат премногу богати и да заработуваат премногу пари, исто како нашите банки. Во нашата земја, цената на храната и безалкохолните пијалоци е на ниво од 95 проценти од просечните цени на ЕУ. Цената на гасот и електричната енергија тука не е иста како во ЕУ, ниту нашите плати се на европско ниво. И знаете ли какви се нивните маржи? Од 35 до 42 проценти. Како и германскиот Лидл, тие ги зголемија своите маржи од 18 проценти, ги дуплираа, порачал Вучиќ.
Тој вели дека ќе им ја ограничи маржата на трговците. Очекува вкупните цени во Србија да се намалат за 15 до 20 проценти, особено во прехранбениот сектор.
– Ако сето тоа падне на ниво до 20 проценти, верувајте ми, ќе успееме, кажал Вучиќ во гостување на Тв Пинк.