Вучиќ го поврза Бањска со „Диво насеље“: „Албанските власти држат предавања за европски вредности“

од Nikola Popovski
566 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ во синоќешното свое обраќање на РТС го коментираше инцидентот кај Бањска, Косово и го поврза со настаните од „Диво насеље“ пред седум години во Куманово. Тој вели дека албанските власти се лицемерни и држат предавања за европски вредности, а албански терористи нападнале во Куманово и убиле осум македонски полицајци.

„Тогаш имаше голем конфликт во Куманово кога албански терористи, вистински терористи ја нападнаа меѓународно признатата суверена држава Македонија, земја која е членка на ОН, многу важен детал. Убиени се дури осум македонски полицајци. Што се случи? Тогаш го немавме ниту Рама ниту некој од ЕУ да проповеда“, рече Вучиќ и покажа слики од „државниот погреб во Приштина“ во 2015 година, во униформи на ОВК.

Тој покажал слика од споменикот на Бег Ризај.

„Ова е Бег Ризај, еден од убиените терористи, а ова е споменикот кој му е поставен во познатото Дечани. Рамуш Харадинај го посетува споменикот и полага свеќи. Толку од нивните принципи, европската иднина и се останато“, истакна Вучиќ.

Српскиот претседател вели дека „не знае што сакала групата вооружени Срби“, но и дека „веќе година дена има информации дека луѓето на Косово се подготвуваат на отпор.

Тој додал дека нема оправдување за убиениот косовски полицаец, но и дека тој немал право да биде на северно Косово.

Во дводневната престрелка во Куманово во 2015 година, наречена „малата војна“, животот го изгубија осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група, и ранети најмалку 40 лица. Инцидентот се случи по четири месеци откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на т.н. „бомби“. Тогашната опозиција обвинуваше дека нападот е обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ кои ја демаскираа власта и од масовните протести во Скопје, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини напаѓачите од Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата.

Слични содржини