Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска издаде наредба за подигање на борбената готовност на војската на Србија на највисоко ниво, дознава „Танјуг“.
Претседателот и врховен командант Александар Вучиќ потпишал наредба за подигање на борбената готовност на единиците на Војската на Србија на највисоко ниво и им наредил итно да тргнат во правец на административната линија со Косово.
Министерот за одбрана Милош Вучевиќ потврди дека Вучиќ ја потпишал наредбата за зголемување на борбената готовност и додаде дека ситуацијата на Косово е драматична.
„Сето она што претседателот Вучиќ со денови и недели предупредуваше дека Приштина брза напред во ескалација и спроведување терор врз српската заедница, пред се на северот на Косово, и го привлече вниманието на меѓународната заедница и посредниците во дијалогот меѓу Приштина и Белград, за жал, се покажа точно“, изјави Вучевиќ за ТВ Пинк.