Вучиќ ја омаловажи делегацијата на ЕП: „Неважни луѓе дојдоа да нè посетат“

По враќањето од Давос, српскиот претседател изјавил дека имал „поважни состаноци“ на Форумот во Швајцарија отколку разговорите со европратениците во Белград

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата изјави дека Србија останува на европскиот пат, но ја омаловажи посетата на делегацијата на ЕП оваа недела, велејќи дека таа била предводена од „неважни луѓе“, ја обвини проевропската опозиција дека работи против земјата и побара од владата да формира оперативен тим за европска интеграција.

По враќањето од Давос, Вучиќ во неделата за провладината српска „ТВ Прва“ изјавил дека имал „поважни состаноци“ на форумот во Швајцарија отколку разговорите со европратениците во Белград. Тој го обвинил проевропскиот дел од парламентарната опозиција за „дрско и неодговорно однесување“ затоа што, во разговор со делегацијата на ЕП, побарала од ЕУ персонализирани санкции за функционерите во Србија вмешани во корупција, криминал и репресија врз демонстрантите и невладините активисти.

Вучиќ додал дека деветчлената делегација на Комитетот за надворешна политика на ЕП е составена од „неважни луѓе, кои се исто така неважни во своите земји, важни само за нашата опозиција“. Подоцна во текот на денот, Вучиќ присуствуваше на проширена седница на владата, со која практично претседаваше тој, а не премиерот Ѓуро Мацут, кој го покани да учествува и побара формирање на помал оперативен тим кој ќе се занимава со европската интеграција и ќе му известува секојдневно за сработеното на европскиот пат.

Тој тим, како што предложил Вучиќ, треба да го предводи амбасадорот во Брисел, Даниел Апостоловиќ, а да го сочинуваат министерот за европска интеграција Немања Старовиќ, министерот за правда Ненад Вујиќ, претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ и неколку други функционери.

Сумирајќи ја посетата на европратениците во петокот вечерта, шефицата на делегацијата на ЕП, Марта Темидо изјавила дека ЕП „силно го поддржува членството на демократска Србија во Европската Унија и дека Србија е приоритет за европратениците, што е и причината за посетата на Белград“.

Оценувајќи дека во моментов постои силен моментум за проширување, Темидо им рекла на новинарите дека напредокот на европскиот пат „бара целосно почитување на вредностите на ЕУ, демократијата, владеењето на правото и основните права“ и „спроведување и примена на реформите“.

Денот по посетата, Европските демократи објавија на „X“ дека реакцијата на претседателот на Србија на посетата на делегацијата на ЕП на Србија „не е тривијален инцидент“, туку „загрижувачки сигнал“, откако ниту Вучиќ ниту претседателката на Собранието Ана Брнабиќ се сретна со европратениците – Вучиќ поради учеството на форумот во Давос, а Брнабиќ поради посетата на Естонија.

Слични содржини