Милица Стојановиќ, која на протестот на студентите во јануари во Белград со автомобил удри и тешко повреди студентка, е помилувана со одлука на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се вели во одговорот за организацијата КРИК даден од Третиот основен суд, пренесува српската телевизија Нова..
Вучиќ помилувањето го најави уште минатиот месец.
Стојановиќ, инаку, за бруталниот напад на протестот на противниците на Вучиќ и владејачката Српска напредна партија (СНС), постојано добива добри вести – прво кривичното дело по кое требаше да се гони беше заменето со поблаго, а потоа таа беше пуштена од притвор
„Со ништо тоа (судење) не го заслужи, а за мене е страшно тоа што како претседател кој до пред неколку седмици немаше издадено ниту едно помилување во девет години, сега мора да ја исправам неправдата што ја нанесуваат обвинителствата и судовите“, рече претседателот на Србија кон средината на минатиот месец, коментирајќи го случајот на Милица Стојановиќ.
Со одлуката за помилување, во петокот судот го отфрлил обвинението против неа. Со тоа Стојановиќ е целосно ослободена од одговорност.
Инаку, првото обвинение против неа беше за обид за убиство, за што можеше да добие затворска казна од најмалку 10 години, а потоа главниот обвинител на Вишото обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, се вмеша, го одзеде предметот од обвинителката што напиша „обид за убиство“, па го ублажи делото на „тешко дело против општата безбедност. Со такво обвинение можеше да биде осудена на најмногу пет години затвор. Со преквалификацијата на обвинението, нејзиниот случај беше префрлен на понизок суд – Третиот основен суд во Белград.
Стојановиќ потоа беше пуштена од притвор.
Ова не е единствениот случај Вучиќ да помилува напаѓачи на студентите и другите граѓани што од ноември лани, по падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, постојано протестираат. Неодамна Вучиќ помилува и четиримина активисти на владејчката СНС на кои им се судеше дека во Нови Сад во јануари на една студентка и ја изместиле вилицата. Со одлука на Вучиќ, и тој процес е затворен, известува „Нова“.