Српскиот претседател Александар Вучиќ на форумот на GLOBSEC „BELTALKS: Економски разговори во Белград“, денеска изјави дека Србија ќе ги оправда очекувањата на ММФ и Светската банка и по стапката на раст во следните пет години ќе биде една од водечките земји во Европа.
„Ги изградивме темелите и столбовите на економскиот раст од 2014 година, кога станав премиер, односот на јавниот долг кон БДП во нашата земја беше 79 проценти, а денес е 43 проценти, што е половина од европскиот просек. И многу сум горд на овој резултат“, истакна Вучиќ на панелот „Европска конкурентност во фрагментирана геополитичка средина“.
Тој рече дека „успеавме да го стимулираме нашиот економски раст преку реален развој базиран на три столба“.
„Едниот беше странски директни инвестиции. Другиот беа огромните државни инвестиции во инфраструктурата во нашата земја. И секако, трето, поголема потрошувачка поради повисоките плати, повисоките пензии. Сега некои од овие столбови се во опасност, делумно поради глобалната ситуација, делумно поради внатрешните проблеми со кои се соочивме во последните 12 месеци“, рече Вучиќ.