Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во изјава за новинарите во Гранада, каде што присуствува на Третиот самит на Европската политичка заедница (ЕПС), најави дека во текот на вечерта ќе има бројни значајни средби.
Тој денеска на маргините на Самитот се сретна со премиерот на Велика Британија Риши Сунак, претседателот на Украина Володимир Зеленски, премиерот на Шпанија Педро Санчез, Виктор Орбан од Унгарија и многу други европски лидери.
Како што рече, од утрово има серија сериозни разговори, а тешките допрва следат.
„Вечерва имам разговори со (шефот на европската дипломатија Жозеп) Борел и (францускиот претседател Емануел) Макрон, очекувам и со (грчкиот премиер Киријакос) Мицотакис. Утре на седницата на Европскиот совет тема ќе бидат Косово и Метохија. Некои ќе се обидат да зборуваат за Србија на различни начини“, рече претседателот на Србија.
Тој истакна дека се обидел да им го објасни ставот на Србија на европските претставници, дека тоа е негова работа и дека ќе продолжи да го прави тоа.
„Не е секогаш лесно, ниту пријатно. Гледаш како некои од твоите пријатели се исплашени поради притисокот со кој се соочуваат, но што да правам, треба да се бориш со сите сили за својата земја и се надевам дека ќе успееме, но ништо не ветувам“, рече Вучиќ.
Како што вели, не разговарал со претставниците од Приштина бидејќи не сакаат ни да разговараат.
„Никогаш не сте слушнале од нас дека се залагаме за санкции, се трудиме нашите луѓе на Косово и Метохија да имаат нормален живот“, рече претседателот, коментирајќи го барањето на косовската претседателка Вјоса Османи до лидерите на ЕУ за воведување санкции на Србија.
Тој се залага решенијата за косовскиот проблем да се засноваат на реалност и компромис, „а не нешто за што некој сонува без да и даде ништо на другата страна“.
„Го намаливме бројот на војници на административната линија, ние сме за мир и просперитет на Западен Балкан“, рече претседателот на Србија.
Вучиќ ја нарече лицемерна изјавата на германскиот амбасадор во Косово дека на 24 септември имало напад на територијалниот интегритет на Косово.
„Кога се вели дека го напаѓате територијалниот интегритет на земја која не е членка на ОН, а во исто време го уништувате територијалниот интегритет на членка на ОН и тоа со важечка Резолуција 1244, тоа е лицемерно“, рече Вучиќ.