Вучиќ: Одличен разговор со Трамп, изразив надеж дека ќе ја посети Србија

од Nikola Popovski
23 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ по телефонскиот разговор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјавил дека Србија ќе работи на подобрување на односите со САД.

Во видеото објавено на Инстаграм, Вучиќ вели дека разговорот со Трамп бил содржаен и многу добар.

„Само што го завршив разговорот со новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Разговорот беше одличен, значаен и, би рекол, многу срдечен. Благодарен сум на Трамп бидејќи тој многу добро знаеше многу работи за Србија, нема да верувате дека дури зборуваше за спортските успеси на нашата земја“, рече Вучиќ.

Како што додаде, Трамп изразил благодарност за поддршката што ја имал во Србија за време на претседателските избори.

„Ја искористив можноста, со желба дополнително да ги подобриме нашите односи во сите сфери на општественото живеење, изразив надеж дека ќе ја посети Србија, бидејќи Србија беше земјата каде поддршката за претседателот Трамп на изборите беше најголема во Европа.

Тој се заблагодари за огромната поддршка што ја добива од граѓаните на Србија, од српскиот народ и верувам дека во наредниот период ќе можеме да разговараме за подобрување на нашите односи на сите полиња. Сигурен сум дека со поддршка од сите наши пријатели ќе успееме да ја направиме Америка голема, а ние Србија пристојна земја која ќе може многу добро да соработува со Америка“, заклучи Вучиќ.

Актуелниот американски претседател Џо Бајден в среда ќе биде домаќин на новоизбраниот претседател Доналд Трамп на традиционалниот постизборен состанок во овалната соба во Белата куќа. Таквата средба е вообичаена меѓу претседателот во заминување и идниот шеф на државата и делумно има за цел да го означи почетокот на мирниот трансфер на власта.

Сепак, републиканецот Трамп не беше домаќин на демократот Бајден, по изборите во 2020 година, кога ја загуби трката за реизбор.

Трамп во вторникот на изборите убедливо ја победи потпретседателката Камала Харис, која го призна поразот и честиташе.

Слични содржини