Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави вчеравечер дека на Србија ѝ претстојат тешки денови и додаде дека во наредните денови ќе го информира народот на Србија за предизвиците што претстојат.
„Во овој момент не е лесно да се каже какви вести добивме во последните 48 часа. Тие директно ги загрозуваат виталните национални интереси и на Србија и на Српска“, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“.
View this post on Instagram
Тој рече дека претстојните предизвици се „најтешките досега“.
„Во наредните денови ќе го запознаам народот на Србија со сите предизвици кои ни претстојат. Ќе биде тешко, најтешко досега. Ќе се бориме, Србија ќе победи“, напиша Вучиќ.
Набрзо потоа, Вучиќ на социјалните мрежи објави фотографија со својот постар син Данило. Данило Вучиќ на фотографијата беше облечен во маица со карта на Косово и Метохија украсена со српската тробојка и натпис „Нема предавање“.
Вучиќ денеска ќе се сретне со амбасадорите на земјите од Квинтата – САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија. На средбата ќе присуствува и шефот на Делегацијата на ЕУ во Белград, Емануел Жиофре, соопштија од прес-службата на претседателот на Србија.
Средбата ќе се одржи во зградата на Генералниот секретаријат на Претседателот на Републиката, со почеток во 10 часот.
Се очекува на состанокот на маса да се најдат неколку теми: барањето за членство на Косово во Советот на Европа и влез во Парламентарното собрание на НАТО, блокирање на дијалогот со Белград што ја спроведува приштинската страна, како и европската интеграција на Србија.